ЕК предлага замрзнување на 7,5 милијарди евра од европските фондови за Унгарија

Европската комисија во неделата му предложи на Советот на ЕУ да замрзне 65 отсто или 7,5 милијарди евра од европските фондови на Унгарија поради корупција и проблеми со владеењето на правото, а Будимпешта има можност да го избегне тоа доколку ги отстрани причините за оваа одлука во наредните три месеци.

Оваа невидена одлука е донесена во рамките на новиот механизам според кој користењето на средствата од европските фондови е условено со почитување на владеењето на правото.

Регулативата, која никогаш претходно не била користена, му овозможува на Советот да усвои, на барање на Европската комисија, мерки како што се суспензија на плаќањата финансирани од буџетот на Унијата или суспензија на одобрување на една или повеќе програми финансирани од тој буџет. .

Комисијата му предлага на Советот на ЕУ, односно на земјите-членки, замрзнување на 65 отсто од средствата од трите оперативни програми на кохезионата политика за периодот од 2021 до 2027 година. Според комесарот за буџет, станува збор за околу 7,5 милијарди евра.

Комисијата во април годинава поведе постапка против Унгарија во рамки на нов механизам според кој користењето на средства од европските фондови е условено со почитување на владеењето на правото. Потоа следеше размена на неколку писма меѓу Брисел и Будимпешта.

Комисијата наведува дека во тие писма Унгарија се обврзала да донесе мерки кои треба да ги отстранат причините за замрзнување на европските фондови.

За најавените мерки да се сметаат за соодветни, треба да овозможат престанок на кршењето на принципите на владеење на правото и ризиците што тоа ги претставува за буџетот на ЕУ и финансиските интереси на Унијата.

Комисијата заклучи дека најавените „корективни мерки начелно би можеле да се решат доколку се донесат соодветни закони и тие закони се имплементираат“.

Комисијата наведува дека Унгарија се обврзала до 19 ноември да поднесе конечен извештај за исполнувањето на клучните чекори за спроведување.

„Во меѓувреме, Комисијата ќе ја следи состојбата и ќе го информира Советот за сите релевантни елементи кои би можеле да влијаат на нејзината тековна оценка“, наведуваат од Комисијата.

Комисијата е особено загрижена за недостатоците во системот за јавни набавки. Унгарската влада во саботата објави дека парламентот во Будимпешта следната недела ќе гласа за цела низа закони кои треба да ги отстранат причините за замрзнување на средствата.