Експерт за одбрана ќе ја води надворешната политика на Бугарија?

Потенцијалната министерка за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска дипломирала современа историја во Софија, но студирала и на воената академија во Бугарија. Бугарските медиуми пишуваат дека таа никогаш не била вклучена во надворешнополитичката сфера.

Бугарски „Дневник“ пишува дека номинацијата на Теодора Генчовска за министерка за надворешни работи од „Има таков народ“ претставува трет обид за нејзино вклучување во бугарската влада за помалку од половина година.

Претходно, за функција се споменуваше името на Даниел Лорер од „Продолжуваме со промените“ или Димитар Гардев од „Има таков народ“.

Бугарските медиуми потенцираат дека таа не учествувала на јавните консултации на кои се разговарало за надворешната политика на евентуалната владина коалиција, а Генчовска учествувала на разговорите за национална безбедност, на кои се дискутирало за прашања од одбраната.

„Генчовска ќе ја преземе министерската функција како целосен странец во структурите на Министерството за надворешни работи. Од друга страна, пак, ова може да биде плус доколку новата влада се впушти во реформа на Министерството за надворешни работи – структурна и кадровска – што одамна и требаше“ коментираат во Бугарија.

Таа била меѓу главните експерти во администрацијата на претседателот Румен Радев, но била ослободена на почетокот на август без официјално образложение.