Една од најголемите заплени на дрога во Шведска – 1,4 тони кокаин откриени во близина на Стокхолм

Шведската царина заплени 1,4 тони кокаин во пристаништето во близина на Стокхолм, изјави денеска шведскиот цариник Стефан Гранат.

„Ако заплената е толку голема колку што мислиме, таа е една од најголемите досега“, изјави Гранат за јавниот сервис СВТ, додавајќи дека сè уште се чекаат прецизни податоци за тоа колку дрога е пронајдена, според АП.

Дрогата била откриена во контејнер во пристаништето Нинашам, јужно од Стокхолм, на 18 април, додаде Гранат, а шест лица биле уапсени.

Шведскиот цариник вели дека дрогата најверојатно била наменета за европскиот пазар, а Шведска била само транзитна земја.

„Пред само пет до 10 години беше невообичаено да се запленат само 100 килограми“, истакна тој.

Во 2022 година е запленето големо количество кокаин – 822 килограми, што е за 300 килограми повеќе од претходниот рекорд од 2018 година.