ЕДЕН КОСМОНАУТСКИ ДЕН СО ДЕНИС ЈАНКУЛОВСКИ

Денот го започнувам многу рано, се будам околу 4 часот. Ова е буквално секој ден откако го ставив скафандерот, значи речиси 2 години.

 

Утринско кафе, во топлите пријатни денови на тераса и уживање во прекрасните магични прелевања на боите на изгрејсонцето кое иако на денови личи исто, сепак секогаш е различно од претходното.

Следува песна некаде помеѓу 5 и 6 часот наутро (често ме прашуваат како ти се пее бе Денко толку рано, некои очи не можат да отворат ти распеан 🙂 ).

Песните се македноски, екс-ЈУ и странски, најчесто од најубавиот период во музиката за мене, а тоа се 80-тите години.

 

Околу 6 часот заминувам на работа, а таму соодветно на работните задачи. На почетокот беше теренско земање на брисеви за корона од домови, па следуваа и институции, па дојде период на вакцинација, па повторно брисеви и еве сега во последниов месец одам по основните и средните училишта за скринингот кај учениците.

 

Заедно со колешката како тим одиме во училиштата и ги тестираме оние ученици кои биле одбрани по случаен избор од МОН, но и за кои нивните родители или старатели потпишале согласност дека може да се тестираат. Се работи за брзи тестови со земање брис само од нос и за неколку минути веќе имаме резултати.

 

До овој момент имам посетено околу 55 училишта и нешто над 1.200 земени брисеви. Во сите училишта постои прекрасна организација во однос на нашиот прием и носењето на учениците за тестирање според безбедносни протоколи, а особено ме радува тоа што имам одлична соработка со сите деца, знаат дека се работи за нивно здравје, но и за здравјето на нивните најблиски.

По завршувањето на работниот ден се прибирам дома, различно време зависно од обврските. А дома, малку време со семејството, муабет кој можеби повеќе е од нивна страна заради мојот умор, но во секој случај имаат разбирање за се, а јас имам огромна поддршка од нивна страна.

Брисеви на терен, брисеви на пункт, вакцинација во „Борис“, вакцинација дома, скрининг во училишта…..всушност со сите тие активности сум вклучен во секој сегмент од корона периодов.

НАСТАНИ И ЛИЧНОСТИ

Настани…има премногу убави настани, секако би го издвоил кумчето на мојот прекар „Космонаутко“ кој полека но сигурно стана име 🙂 потоа тука е и дедото кој посака една песна од „Бело дугме“ да му испеам бидејќи бил голем фан на групата, потоа децата кои ми дадоа премногу подароци, цртежи и овошни јогуртчиња, но најмногу насмевки и љубов.

 

И настан кој мене ми причини огромно задоволство е што успеав лани во декември заедно со „Меѓаши“ да испратам 900 новогодишнни честитки на многу деца, но и возрасни, во домовите додека одев и земав брисеви, а некаде „Македонска пошта“ ги носеа, ми беа помошници, како елфовите на Дедо Мраз. Има уште многу, многу случки.

Личности….се запознав со многу луѓе, се спријателив додека одев за брисеви, но и особено додека бев на вакцинација. Со многу дечиња станав другар, ми кажуваа дека сум „Космонаутко“ од планетата Зис, со една бабичка си се викавме „генерацијо“ иако разликата во години е 20-тина па можеби и повеќе.

Значаен белег во корона периодов има Дејан Пројковски или Маестрото бидејќи тој на некој начин ми го оствари неостварениот сон да бидам актер. Речиси од почетокот на пандемијата секоја моја активност ја снима, ја документира и подготвува документарец за „Космонаутко“ преку кој всушност ќе се увиди не само индивидуалната, туку и севкупната активност на здравствениот персонал, се она на што наидуваме и со што се среќаваме. Е тоа се веќе и настан и личност.

Ова е денот на „Космонаутко“ кој во овие 2 години многу години наликува на филмот „Денот на мрморецот“, но се надевам дека во некое најскорешно утро ќе се разбудам, ќе го фрлам скафандерот и ќе останам само „Космонаутко“ без полна скафандерска опрема.