Европскиот совет одлучи: Се отвораат преговорите со Босна и Херцеговина!

Лидерите на ЕУ на седницата на Европскиот совет во Брисел одлучија да дадат зелено светло за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина.

Во пресрет на самата средба, лидерите во своето обраќање до медиумите порачаа дека БИХ постигнала видлив напредок во реформите. Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази задоволство што Европската унија напредува во процесот на проширување, а следните чекори може да и се понудат на Босна и Херцеговина.

Премиерот на Луксембург Лук Фриден смета дека е важно фокусот да не остане само на Украина, туку „да видиме и што се случува на Западен Балкан“.

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој најави заминување од оваа функција, во пресрет на седницата на Европскиот совет најави дека Ирска ќе гласа за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина. Австрискиот канцелар Карл Нехамер и порача на јавноста дека Австрија ќе го поддржи отворањето на преговорите со Босна и Херцеговина.

– Босна и Херцеговина постигна напредок, ние го поддржуваме отворањето на преговорите, но во исто време Европската комисија е многу јасна за ова – Босна и Херцеговина мора да направи повеќе за да ги започне преговорите, односно преговарачката рамка. Убеден сум дека БИХ ќе може да го направи тоа, сите критериуми од 14-те приоритети, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

Заедничка победа на Босна и Херцеговина и Европската Унија! – стои во објавата на членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ на социјалните мрежи.