Скандал во Европскиот парламент – бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски со нацистички поздрав до италијанскиот европратеник Сандро Гоѕи.
Веднаш следуваше осуда на однесувањето на Џамбаски и беше побарано од претседателката на Европскиот парламент – Мецола да преземе мерки.
„Бидејќи го бранеше владеењето на правото во Европскиот Парламент Сандро Гоѕи беше навреден од европратеникот Џамбаски, кој ја напушти салата со скандалозен нацистички поздрав. Ја имаш нашата целосна поддршка Сандро. Ја повикуваме г-ѓа Мецола, претседателката на ЕП, да преземе чекор“ – објавија на Твитер од парламентарната група Ренесанса, на која и припаѓа Сандро Гоѕи.
Џамбаски претходно од говорницата ги нападна своите колеги во Европарламентот и застана во одбрана на владејачките партии во Полска и Унгарија.
„Нема никогаш да се согласиме со вашата агенда, агендата на сите што сакаат да ја уништат Европа трансформирајќи ја во нешто друго. Да живеат Фидес, Качински, Бугарија“ – кажа Џамбаски.
Санкција за Џамбаски побара и Манфред Вебер, претседавачот на ЕПП, најголемата групација во европарламентот.