Д-р Даниловски за Западно нилската треска: Осумте регистрирани случаи се видливиот дел од една епидемиолошка „санта мраз“

„Во Македонија досега се регистрирани осум случаи на Западно нилска треска. Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем.

„Во Македонија досега се регистрирани осум случаи на Западно нилска треска. Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем.

Оваа информација заслужува малку подлабоко епидемиолошко разгледување. Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори“ пишува на Фејсбук д-р Драган Даниловски, професор по епидемиологија и биостатистика.

Тој вели „кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми. Кај приближно 20 проценти се јавува фебрилна болест, најчесто со релативно лесен тек. Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет“.

„Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како Западно нилска треска. Оттука, осумте регистрирани случаи се видливиот дел од една епидемиолошка „санта мраз“. Нејзиниот подводен дел – вкупниот број инфекции во популацијата – не го знаеме. Без горново објаснување, објавените информации во медиумите дека „сите регистрирани случаи имале тешка, невроинвазивна форма на болеста“ лесно може да бидат погрешно прочитани како: „Западно нилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени“. И дека штом е така, логично, вирусот станал поагресивен. Што, се разбира, не е точно.“ вели доктор Даниловски.

Според него, „од особено епидемиолошко значење е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони. Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението. Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди“.

„Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа. За поширокиот контекст на Западно нилската треска и другите заболувања што се пренесуваат со вектори, на 6 јули објавив подетална анализа: „Како климатските промени и векторите ја менуваат епидемиологијата на заразните болести“ потенцира д-р Даниловски.