ДУИ, поделена ќе ја одбележи 21-годишнината од формирањето како политички субјект.
Оваа партија ќе организира дебатен панел на тема „Европски фронт“, а на него ќе говорат Радмила Шекеринска, Петар Арсовски, Газменд Ајдини, Теута Арифи и други, заедно со партискиот лидер Али Ахмети.
Но, ниту еден од функционерите кои се дел од фракцијата, позната како Огнена група, не се поканети на овој панел.. Блерим Беџети вели дека за настаните што ќе се одржат утре дознале од медиумите.
„Нормално не сме информирани за коктелите што ги организираат министрите. Тоа се докажа и на прелиминарните средби, иако сме се декларирале како фракција, тоа е многу легитимно. Нормално, не бевме известени, како и секогаш разбравме од медиумите. Утре ја одбележуваме годишнината на ДУИ каде се поканети сите членови, сите симпатизери да го одбележат овој значаен ден за Албанците и досегашните достигнувања на Албанците. Нормално ќе има порака, ќе има изјава во име на нашата група или за внатрешни избори или за случувањата што моментално се случуваат во државата“, рече Беџети.
Беџети нагласува дека за јавноста е јасен раздорниот пристап на функционерите на ДУИ во извршната власт.
„Исклучувачкиот пристап што го презема оваа извршна власт не само кон членовите на фракцијата, туку и внатре, нормално предизвика поделба и многу е легитимно и нормално ние заедно со сите поддржувачи да дејствуваме политички, ние ниту влијаеме на поделеноста, ниту на духот на поделеноста, напротив, тие го прават и е многу легитимно да продолжиме со нашите политички активности“ додаде Беџети.
Прашан кои ќе бидат следните чекори на фракцијата по продлабочувањето на поделеноста, Беџети изјави дека тие се фракција во ДУИ и така ќе продолжат и во иднина.
Фракцијата на ДУИ 21-годишнината од основањето на партијата ќе ја одбележи во Домот на културата во Тетово, во исто време кога во Скопје Ахмети го повика членството на коктел.