Драганов: На што нашите државници (би) рекле „ДА“ додека велат „НЕ“

Колумна на Мирослав Драганов

Во изминатава недела во македонското општество настана, што би рекол нашиот народ, „каша-попара“ или „сообраќаен метеж“ на патот од нашите евроинтеграции!  Сега, откако некои работи станаа малку појасни за пошироката јавност, (в)редно е да се развие поширока правно издржана дебата за последните случувања (додека не е доцна)! Затоа оваа колумна има за цел да биде водилка во таа насока токму во време на значително мал број јавно искажани мислења од независни правници кои не се сегашни или поранешни носители на јавни функции.

Овој текст обработува подлабинска и суштинска димензија на односот на нашите државници кон документот од Советот на ЕУ до кој јавноста стигна на свој начин и го знае како „Францускиот предлог“ (во таа фаза и форма што беше објавена во првиот дел од неделата).

Клучните поенти ќе ги анализирам од за мене многу блиски четири аспекти: 1) јавно говорење (презентирање на информации пред јавноста), 2) правна основа, 3) правни последици, и 4) долгорочно општествено влијание (impact). Морам да нагласам дека во однос на двата аспекти: правна основа и правни последици, мојата анализа само малку ќе ја опфати психичко-волевата компонента на одредбите содржани во документот (што сакал авторот да каже со одредбите, а тоа може да се забележи и од изјавите на нашите државници и на оние во Бугарија). Јас многу повеќе ќе се фокусирам на материјализацијата на тие одредби (како надворешниот свет ќе ги чита, толкува и применува тие одредби (кога би биле официјално усвоени како такви). Оттука, при секоја одредба многу е важно да се земат предвид сите видови толкувања на правни норми и тоа: јазично, логичко, целно, системско и историско толкување! Но, ајде да одиме со ред.

Во однос на јавното говорење можам да напишам цела книга за промашувањата што се случија оваа недела доколку се анализира историски (од ден на ден), а и суштински и системски особено ако се земат во корелација јавните изјави на четири надлежни државни функционери: Премиерот, Министерот за надворешни работи, Вицепремиерот за евроинтеграции, како и Претседателот на државата.

Еве само неколку цитати: „Не сме примиле никаков предлог“ (?), утредента „Овој предлог во ваква форма е неприфатлив за мене, Владата, Претседателот на државата и граѓаните“ (??), вечерта „Го имавме документот, но не сакавме да наштетиме на кризата во Владата на Бугарија“(???), викендот „Не можам да кажам дека документот не го прифативме“ (????)… Но, она што е многу позагрижувачки се нивните изјави за она за кое што тие (би) рекле „ДА“ (уште дента пред да се оди во Брисел, а и потоа уште повеќе), додека јавноста аплаудира на наводно кажаното „НЕ“. Па да бидам што поконкрентен и попрецизен за клучните точки кои наводно биле различни од црвените линии (историјата, идентитетот и јазикот), а имајќи ги предвид трите аспекти: правната основа, правните последици и долгорочното општествено влијание.

„ДА“ бр.1: „Антидиксриминација“, „недискриминација“, „говор на омраза“, „Акциски план“ да бидат дел од Преговарачката рамка во која ние треба да преговараме за прифаќање на законодавството на ЕУ (acquis). Велат дека тоа биле европски стандарди (???). Да се разбереме, правнички има голема разлика од ЕУ стандарди и европски стандарди за човекови права кои се дел од Советот на Европа и кои ги санкционира Европскиот суд за човекови права во Стразбург врз основа на Европска конвенција за човекови права. Тоа е целосно различна меѓународна организација од Европската Унија со која ние сакаме во моментов да преговараме за acquis за кое е надлежен друг суд – Европскиот суд на правдата во Луксембург врз основа на Повелба за фундаментални права. И зошто тие стандарди за човекови права кои се пошироки од ЕУ стандардите, специјално за нас за прв пат би влегле во Преговарачка рамка и со тоа да им се даде правна основа за нас во ЕУ процесот? Па и самата ЕУ, сè уште преговара, еве веќе над 50 години, а со Договорот од Лисабон од 2009 и поинтензивно, за пристапување кон Европската конвенција за човекови права (со прекини и откажување и сè уште не пристапила). Да да, добро прочитавте! Можете и уште еднаш. Ама наспроти тоа, ние на прашањата за кои е надлежен судот во Стразбург и друга меѓународна организација сега ќе им ги довериме на Европската комисја и другите институции на ЕУ која ќе треба да врши постојан мониторинг на истите и за тоа да бара да се прибираат истражувања, докази, извештаи кои би послужиле и на Агенцијата за фундаментални права (која како наивно да е наведена во документот)? Зошто и Европската комија да го заснова годишниот извештај за напредок на Македонија во процесот на пристапување за нешто за кое што уште нема ЕУ стандард??? Зошто би ја давале таа правна основа? Од аспект на правните последици, тоа на едноставен речник кажано значи дека Македонците во Бугарија ќе можат да ја тужат и евентуално по неколку години осудат државата само и исклучиво пред судот во Стразбург (во Совет на Европа, со знак прашалник дали и кога ќе се извршат тие одлуки), но не можат во ЕУ (бидејќи сè уште нема ЕУ стандарди за тоа). За разлика од нив за овие стандарди во Македонија ќе треба државата да се бори на годишно ниво за да докаже дека се исполнети како во ниту една друга земја (!?) и тоа во рамки на процесот на пристапување кон ЕУ, а притоа немајќи никаква судска разрешница за такви случаи! И уште повеќе, за прв пат овие стандарди излегуваат и од Копенхагенските критериуми кои се однесуваа главно на државните институции и функционирање на системот, а овие сега „говор на омраза“, „антдискриминацијата“ „недискриминацијата“ би се однесувале повеќе на општата јавност (поширок домен)! Тука доаѓа и последниот загрижувачки аспект, а тоа е општественото влијание од вакво кажување „ДА“. Ваквите одредби во документот ќе доведат до ситуација како што изјавија државниците „да се санкционираат сите што се на државен буџет, а да се обесхрабрат сите приватни субјекти“. Во превод, тоа значи дека приватни субјекти не треба да се надеваат на успех во постапки за јавни набавки (државни тендери) и ќе имаат два избора: или да молчат (особено за историски прашања, на тој начин практично зајакнувајќи го клиентелизмот) или пак да бидат гласни и да се отселат некаде далеку, да пропаднат или пак воопшто никогаш да не зависат од буџетски фондови (нека се снаоѓаат)… Зарем ова е напредокот со приближувањето кон ЕУ на кој се надевале нашите предци во деведесетите или пак напредок кој ќе ги поттикне нашите деца да го искористат потенцијалот тука?

„ДА“ бр.2: „Менувањето на Уставот веднаш откако ќе почнат преговорите и тоа да биде врзано со првиот кластер „Основи“!  Оваа согласност за времето кога тоа треба да се случи, во корелација со објаснетото погоре под точката 1 а и тоа подоло под точка 3, практично ќе значи еден ваков извесен тек на Преговорите: прво барање квоти за новата заедница, па зголемување на државната админстрација и нејзино дообучување, зголемување на бројот на здруженија за заштита на правата (тамам сега во фокусот е антидискриминација, говор на омраза, образование, а со тоа и многу историски прашања) и за интеркултурна соработка (за кои секако во Преговарачката рамка се гарантирани еден куп проекти и буџети без разлика дали и колку Македонија напредува или назадува во процесот на преговори). Во превод, додека во другите ЕУ земји проектите ќе бидат насочени кон иновации, истражување и развој (research and development) и тоа на ниво на академска заедница, бизнис, меѓусекторска и меѓудржавна соработка, паметни државни институции, одржлив развој…, кај нас ЕУ проектите ќе бидат главно насочени за овие нови стандарди за човекови права кои за прв пат се вметнуваат во процес на преговарање за ЕУ законодавство… Овој след на активности е многу логичен ако некој како мене бил во тој цел процес на ЕУ консултации за годишниот извештај за напредок на државата, па потоа цитирањето на проблемите од тој извештај и врз основа на нив доделувањето на нови и нови грантови програми за здруженија на граѓани. Затоа намалете малку со тезата дека ќе имаме повеќе ЕУ фондови со започнување на преговорите. Клучното прашање е за која тематика таквите ЕУ фондови ќе ни бидат дадени нам? Дали тоа е напредокот кон ЕУ за кој сонувале нашите предци и животната определба на нашите деца за да останат тука?

„ДА“ бр.3: „Образованието е дел од Преговарачката рамка“. Ајде пак уште едно правничко аргументирање: ЕУ немала никогаш надлежност, ниту пак сега има, да им се меша на земјите членки во нивните образовни политики. Зошто тогаш ова човеково право е ставено во преговарачка рамка за ЕУ преговори? Од контекстот, повеќе од јасно е дека тоа е така за да се даде правна основа за некој да може да напаѓа за стандард кој го нема во ниту една друга земја и за кој Европската комисија сега ќе треба да мониторира и да дава извештаи до Советот на ЕУ и до Европскиот совет (сите земји членки), со оправдување на добрососедските односи, а тука може да се вметнат и многу историски прашања, нели? Напредок, што ли е тоа?

„ДА“ бр.4: „Унилатерални декларации за македонскиот јазик“.  По долги преговори со ЕУ, веројатно неколку децении, со знак прашалник дали некогаш Западен Балкан би се интегрирал целосно во ЕУ со рамноправен статус, а земен предвид и развојот на настаните опишан погоре, тие унилатерални декларации ќе бидат сепак последниот „печат“ за една заинтересирана земја членка како Бугарија да даде политичко зелено светло за целосен влез во ЕУ (а трагедијата е дека ние сме биле свесни и несовесни бидејќи од оваа песпектива сме знаеле или би требало да знаеме до каде води целиот овој процес, ама сме останале пасивни). Зарем таква иднина би им креирале на нашите деца?

Инаку има уште неколку сопки со кои таква „иднина“ се прокламира во документот, но за тоа ќе ни е потребно повеќе време и уште стручни луѓе за да размениме издржани ставови за конечниот текст. Се надевам ќе ги има!

И не знам за другите, но ако остане овој предлог или пак полошо ако се надгради но новите четири барања од бугарското собрание, јас во целиот овој процес гледам „каша-попара“ и „сообраќаен метеж“ со тажен крај за Македонија и Македонците, кој ќе трае со децении… Ние пешачејќи по неизвесниот пат сè повеќе ќе се успоруваме и само цензурираме, и од една таква позиција понекогаш беспомошно ќе бараме промена на правилата на големите играчи во сообраќајот, автомобилите, автобусите, камионите… Но, пред да одлучите, сетете се на правилата во сообраќајот: кога нема семафори тогаш се почитуваат знаци, кога нема знаци се почитува правило на десна страна, а кога не може ни тоа, предност има поголемиот учесник во сообраќајот… Така е и во светот полн со геостратешки интереси! А добрата вест е дека може да има промени и од слаб да станеш силен, а не само обратно. Затоа време е да се фокусираме како поскоро од пешаци да станеме економски шлепери наместо погрешно да вложуваме енергија во намерно замрсени правила кои имаат за цел да нè збришат и од минато и од сегашност и од иднина! Има неколку држави од кои може да црпиме инспирација како од економска капитулација стигнале до силна економија и со тоа си ја зајакнале својата преговарачка моќ. Има многу алтернативи и начини за тоа, а за почеток размислете за економско зајакнување од Отворен Балкан, преку САД и Обединетото Кралство, до Канада, Бразил, Индија, Африка…

Светот има околу 200 земји, а не само дваесет и седум кои самите себеси не се почитуваат.