Додик повторно во Париз за прогласувањето независност на Република Српска

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, повтори дека овој ентитет ќе прогласи независност од БиХ, а повод ќе биде високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, да воведе закон за државна сопственост.

„Денеска ги информирав француските сенатори во Париз дека Германецот Кристијан Шмит, кој нема легитимитет и законитост, се обидува да го моделира уставниот поредок во БиХ и дека Република Српска, доколку Шмит интервенира во однос на имотот, нема да има друг избор освен да го одбрани својот статус со тоа што ќе прогласи независност“ – напиша Додик на социјалната мрежа Х.

Тој изјави дека во Париз се сретнал со група француски сенатори, кои ги информирал за состојбите во РС, БиХ и регионот.

„Благодарен сум на оваа група сенатори кои се од различни политички партии, бидејќи сакаа да слушнат за ситуацијата и имаа одредено мислење за тоа. Тие наскоро ќе дојдат во БиХ и таму ќе разговараат со други фактори“, најави Додик.

Посочи дека на соговорниците им порачал дека Босна и Херцеговина треба да се врати на Уставот, да престане со интервенционизмот и да ги повлече странците. Тој очекува и дека неговата посета на Франција ќе има позитивни ефекти.

Додик истакна дека напишал дека „нелегалниот Шмит“ во моментот кога ЕУ ги одобри преговорите за прием на БиХ, му се заканил на тој процес и го довел во целосен застој и дека има намера уште повеќе да ја искомплицира ситуацијата со наметнување закони за сопственост.

„Неприфатливо е да се интервенира во Изборниот закон на БиХ, тоа ќе го блокира понатамошниот процес во БиХ додека тој не го повлече или Парламентарното собрание на БиХ не го одбие“, смета претседателот на РС.

Ако тоа не се случи, рече Додик, РС ќе донесе свој изборен закон. Додик рече дека знае дека во процесот на меѓународни преговори Франција била против намерата на Шмит да ги донесе последните одлуки и дека РС го цени тој став на Париз.

„Тоа нивно против не беше доволно бидејќи се работи за други големи земји кои беа за и кои имаат свои ставови“, заклучи тој.