Лидерот на ССМ – Дарко Димовски од протестот на синдикалците пред македонското Собрание ги испорача истите барања како и до сега – зголемување на платите за 2806 денари на сите од 1 јули.
„Денес сме пред Собранието на Македонија каде што заседава Комисијата за финансирање и буџет на која ќе се најде точка на дневен ред амандманот на Сојуз на синдикатите на Македонија. Затоа упатувам јасна порака до пратениците кои се членови на таа комисија и за кои ставивме 14 столчиња со осум жолти картони бидејќи минатиот пат не го изгласаа тој предлог амандман за 2806 денари линеарно зголемување на платите на работниците да се освестат и да го изгласаат“ – порача Димовски.
„Јавно од тука им порачувам: сите овие работници што стојат зад мене го чекаат нивниот глас „за“. Ако не биде тоа така ние јавно ќе побараме со име и со презиме оставка од тие пратеници кои не се за народот во овие тешки моменти. Затоа колеги пратеници сфатете си ја сериозно работата, македонскиот работник очекува денеска да го изгласате амандманот на ССМ за зголемување на платите за 2806 денари на сите од 1 јули“ – рече лидерот на ССМ
„Апелирам до Собранието да му помогнеме на рабтникот и да го изгласаме амандманот на ССМ. Во моментот кога ќе има странска делегација ние работниците ќе излеземе на улица и ќе го покажеме незадоволството, бидејќи другари ние денеска овде бараме пари за леб, за плаќање сметки, за издржување на нашите семејства, секој ден ќе стоиме на улица и ќе штрајкуваме. Во моментов преговараме со пет општини и 25 јавни комунални претпријатија и тоа ќе го правиме и во текот на следната недела, ќе бараме и оставки“ – предупреди Димовски.