Димитров: Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена

Вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров денеска во Берлин рече дека „Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот“.

„Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните. Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро“ вели Димитров.

Вицепремиерот Димитров информираше за последните политички случувања во земјава, но ги пренесе и очекувањата од Германији, и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел.

„Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валидација на напредокот на Северна Македонија, постигнат со голема помош и поддршка од нашите германски пријатели кои принципиелно го застапуваат она што е вистински „европско“ во интегративниот процес. Стартот на преговорите ќе го даде неопходниот поттик на реформскиот процес, а истовремено ќе го обнови импулсот за политиката на проширување на ЕУ“ рече Димитров.