Никола Димитров – вицепремиерот задолжен за европски прашања смета дека секое решение до кое би дошле Северна Македонија и Бугарија, а кое би овозможило кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ, би требало да дојде пред пратениците во Собранието.
„Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес мислам дека има логика и ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на некаква валидација во нашиот Парламент“ – рече вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.