Димитриеска-Кочоска: Растот од 4,3 проценти на БДП континуитет и ново забрзување на економијата

Димитриеска - Кочоска потенцираше дека според достапните податоци за вториот квартал од 2026 година, со економски раст од 4,3 проценти, Македонија е петта по стапка на раст меѓу европските земји за кои се објавени податоци.

Зад растот од 4,3 проценти стојат силна инвестициска активност, двоцифрен раст на извозот, раст на потрошувачката и позитивни движења во повеќе значајни економски дејности – рече на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска откако денеска Државниот завод за статистика објави дека Бруто-домашниот производ во второто тримесечје од годинава порасна за 4.3 проценти во однос на истиот период од 2025 година, а за 4 проценти во однос на вториот квартал годинава.

Димитриеска – Кочоска потенцираше дека според достапните податоци за вториот квартал од 2026 година, со економски раст од 4,3 проценти, Македонија е петта по стапка на раст меѓу европските земји за кои се објавени податоци.

Како што посочи, со раст од 4,3 проценти, вториот квартал од 2026 година е меѓу кварталите со највисок економски раст во изминатите две и пол години , што, потенцираше, е уште една потврда дека економијата се движи во добра насока.

– Ако ја погледнеме целата патека, од 1,6 проценти раст во првиот квартал од 2024 година денес сме на 4,3 проценти. Уште поважно е што во сите десет последователни квартали во овој период економијата бележи позитивен раст, а во најголемиот дел од периодот стапките се движат околу и над 3 проценти. Тоа е суштината на овие податоци. Не зборуваме за раст во еден изолиран квартал, туку за континуитет на економскиот раст – рече министерката за финансии.

Структурата на БДП, појасни, покажува дека растот има широка основа и е поддржан од повеќе сегменти на економијата.

– Особено силен импулс доаѓа од инвестициите. Бруто-инвестициите во вториот квартал бележат реален раст од 16,5 проценти што укажува на засилена инвестициска активност во економијата. Позитивни се движењата и во надворешната трговија. Извозот на стоки и услуги реално е зголемен за 10,4 проценти, што претставува дополнително забрзување во однос на растот од 6,2 проценти во првиот квартал. Истовремено, увозот на стоки и услуги бележи раст од 12,5 проценти. Растот на извозот е особено значаен ако се има предвид дека се остварува во услови на релативно умерена европска економска активност и покажува зголемена активност на домашниот извозен сектор – рече министерката за финансии.

Позитивни резултати, дополни таа, се забележуваат и на производната страна. Градежништвото бележи силен раст од 21,9 проценти, преработувачката индустрија расте за 4,1 процент, трговијата, транспортот и угостителството за 4,1 процент, а информациите и комуникациите за 4,3 проценти. Растот е поддржан и од домашната потрошувачка. Финалната потрошувачка реално расте за 2,8 проценти, при што потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 3,3 проценти.

Таа посочи дека според достапните податоци за вториот квартал од 2026 година, со економски раст од 4,3 проценти, Македонија е петта по стапка на раст меѓу европските земји за кои се објавени податоци. Повисоки стапки бележат Словенија со 5 проценти, Данска со 4,7 проценти и Малта со 4,5 проценти.

– Истовремено, растот на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2 проценти и еврозоната од 1 проценти. И во регионот нашата стапка на раст е меѓу повисоките. Растот од 4,3 проценти е повисок од растот во Србија од 3,8 проценти, Бугарија од 2,5 проценти и Хрватска од 1,7 проценти. Овој резултат добива дополнително значење ако се погледне поширокиот економски контекст – рече министерката за финансии.

Историски, како што посочи, македонската економија повисоки стапки на раст остварувала во периоди на посилна европска економија, имајќи ја предвид силната трговска поврзаност на нашата економија со европскиот пазар. Денес растот од 4,3 проценти на реална, односно 8,3 проценти на номинална основа го остваруваме во поинакви услови – при умерен раст на европската економија, глобални неизвесности и геополитички ризици. Тоа, наведе таа, е особено значајно за мала и отворена економија како нашата, силно поврзана со европскиот пазар.

– Македонската економија забрзува и покрај предизвикувачкото надворешно окружување – нагласи Димитриеска Кочоска.

Потенцираше и дека позитивните движења има и кај индустриското производство и оти во услови на бројни надворешни ризици и ценовни притисоци, имаме значително смирување на инфлацијата. Годишната стапка на инфлација од 4,8 проценти во мај се намали на 3,4 проценти во јуни и на 2,3 проценти во јули. Тоа, укажа, е намалување од 2,5 процентни поени за само два месеца.

– Значи, од една страна имаме забрзување на економскиот раст, а од друга намалување на инфлацијата и смирување на ценовните притисоци. Тоа е големата слика што сакам денес да ја видиме – посочи министерката.

Како што потенцираше, Владата е посветена да постигне повисоки стапки на раст и уште подобри резултати за сите граѓани.

– Инвестираме во капитални проекти, го поддржуваме приватниот сектор и инвестициите, работиме на создавање подобро и попредвидливо деловно окружување и одговорно управуваме со јавните финансии. Бројките денес покажуваат дека економијата расте, економската активност забрзува и политиките што ги спроведуваме даваат резултати. Целта е економскиот раст да се преточува во повисок животен стандард за граѓаните, повеќе можности за компаниите, повеќе инвестиции и посилна и поконкурентна македонска економија – рече министерката Гордана Димитриеска Кочоска.