Димитриевски: Целосна департизација на безбедносниот апарат, искусни луѓе во правосудството

Во оваа кампања за претседателските избори нудам концизна и конкретна програма со пет платформи, односно начела што ќе ги спроведам како иден претседател. Една од главните заложби е целосна департизација на безбедносната и дипломатската сфера во државата.

Ова го истакна вечерва кандидатот за претседател од Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски на собирот со граѓаните на Кочани.

– Претседателот треба да именува дипломати од кариера, а не тие да излегуваат од партиските канцеларии, без да имаат завршено некаква дипломатска школа, а дел од нив дури да не знаат ниту некој странски јазик. Ќе се залагам за целосна департизација на безбедносниот апарат, затоа што недозволиво е командир на некоја полициска станица или друга институција од делот на безбедноста и да се плаши да се поздрави со вас, затоа што тој е потчинет на некој кој доаѓа од друга политичка партија. Претседателот има одлучувачка улога во реформата на правосудниот систем, а недозоволиво е правда и неказнивост да има само за тие што се во власта. И во Уставниот суд и во Републичкиот судски совет ќе предлагам кандидати со искуство, дигнитет, почит, интегрите и познавање на работите што ќе ги вршат, а не да ми бидат лојални мене или на политичкиот субјект од кој произлегувам, истакна Димитриевски.

Во односите на претседателот со останатите институции од власта, законодавната и извршната, Димитриевски нагласи дека ќе се залага за зголемување на нивото на соработка, но дека нема да дава согласност на одлуки во Парламентот што ќе бидат во спротивност со интересите на граѓаните, како што беше експресната измена на Казнениот законик или Францускиот предлог за преговорите со ЕУ.

– Ќе формирам експертски, ЕУ тим што ќе го задолжам да работи на сите пресуди од Меѓународниот суд во Стразбур донесени против соседна Бугарија за правата на македонските организации таму, бидејќи и тие граѓани во таа држава треба да имаат права согласно европските стандарди. Сите одлуки ќе ги носиме со реципроцитет. Исто така, ќе иницирам правен тим што ќе влезе во анализа и модификација, однос редифинирање на ваквата преговарачка рамка со ЕУ, согласно општествено прифатливите услови кај нас. Бугари во Уставот не ни пречат, ни пречи негацијата од Бугарија дека ние сме Македонци од скоро, од пред 50 години, додаде Димитриевски вечерва во Кочани.

Во рамки на претставувањето на својата предизборна програма, претседателскиот кандидат на политичката партија „ЗНАМ“ , Максим Димитриевски имаше и средба со граѓаните на Виница, каде нагласи дека неопходна е интеграцијата на државата во ЕУ за да се подобрат општествено-економските услови кај нас и да се намали иселувањето на младите и работоспособни кадри.