ДЗР: Агенцијата за катастар се стекнала со два градежни објекти кои не ги внела во сметководство

Агенцијата за катастар на недвижности не евидентирала два градежни објекти за кои има стекнато право на трајно користење, откри Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот најнов конечен извештај за 2024 година во кој изрази мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН).

Објектот во Гостивар, со површина од 499m2 и набавна вредност од над 27 милиони денари, не е внесен во сметководствената евиденција, туку се води само вонбилансно. Како причина за ова, надлежните навеле дека сè уште не е извршена физичка поделба со другите субјекти кои го користат просторот.

Објектот во Струмица 448m2, преземен во 2020 година, воопшто не е евидентиран бидејќи Министерството за финансии како претходен корисник го водело со вредност од „0 денари“, а Агенцијата не презела активности за негова проценка.

Дополнително, ревизијата утврди дека инвестициите за реставрација на објектот во Крушево во износ од 6,4 милиони денари не биле навремено прикажани како „инвестиции во тек“ во деловните книги.

Особено е истакнат проблемот со нематеријалните средства (софтвери и лиценци). Утврдено е дека Агенцијата сè уште води во евиденција софтвери кои се вон употреба или со истечен рок, а последното ажурирање на нивната состојба било направено пред цели седум години, односно во 2019 година.

АКН има законска обврска да воспостави единствена евиденција на државниот имот преку доделување на ЕИБ. Сепак, ревизијата открива дека ваков број е доделен само за државните органи и институции, но не и за трговските друштва основани од државата. Ова претставува сериозна пречка за ефикасно управување со државниот имот.