
Поранешниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ, Јован Деспотовски, упати критики кон актуелното раководство на партијата, оценувајќи дека се потребни суштински промени и целосно нов пристап во политичкото дејствување.
Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Деспотовски изјави дека Венко Филипче, иако му е долгогодишен пријател, не е соодветен за претседателската функција во СДСМ.
„Немам ништо лошо кажано за Венко, бидејќи ми е личен другар триесет години. Мислам дека е супер доктор. Меѓутоа, ако ме прашате дали е соодветен човек за таа позиција, мојот одговор е апсолутно не“, изјави Деспотовски.
Според него, на СДСМ не му е потребна само консолидација, туку целосно поставување нови основи, нов концепт и поинаков начин на работење.
Тој го критикуваше и начинот на кој опозицијата реагира на економските и општествените проблеми, посочувајќи дека наместо постојано да бара виновници, треба да нуди конкретни решенија за граѓаните.
Деспотовски оцени дека секојдневното објавување седум или осум партиски соопштенија не претставува вистинско политичко дејствување, туку само го оптоварува јавниот простор.
Тој посочи дека не препознава јасна економска политика на опозицијата, ниту конкретни предлози за буџетот за 2027 година.
Според Деспотовски, отсуството на силна опозиција е проблем за целата држава, бидејќи без политичка конкуренција се намалува притисокот врз власта да постигнува подобри резултати.
„Не е само дека го трошиме времето на членовите на СДСМ или на опозициски настроените гласачи. Ние го трошиме времето на оваа држава“, заклучи Деспотовски.