Денеска во грчкиот Парламент ќе се гласа за недоверба на Владата на Мицотакис

Во Парламентот во соседна Грција вечерва ќе се гласа за предлогот на опозициската СИРИЗА за недоверба на Владата.

По овој предлог на партијата на Алексис Ципрас следуваше тридневната расправа, која започна во петокот попладне, а се очекува вечерва да кулминира со обраќањата на претседателите на партиите и на грчкиот премиер, по што ќе следува гласањето.

Меѓудругото, на расправата Христос Стилијанидис, министерот надлежен за цивилна заштита говореше за справувањето со снежната бура, па рече дека постоеле пропусти, грешки, недостиг на координација. Сепак тој одговорност ја префрли на приватната компанија концесионер што управува со автопатот на кој со часови беа заглавени автомобили.

Ципрас порача дека извинувањето на Владата е лицемерно, побара да се објави записникот од состаноците и надлежните да кажат каде згрешиле.

„Кога се извинувате, ќе објасните зошто се извинувате. Ако ја префрлате одговорноста на другите, тогаш ова извинување, господине Мицотакис, е изговор, лицемерно е и ќе ви суди грчкиот народ. Во многу тешки моменти за мојата Влада презедов политичка одговорност и министри си поднесоа оставки. Тогаш велевте дека нема политичка одговорност без оставки“ рече Ципрас.

Премиер Мицотакис рече дека преферира искрено извинување со самокритика, наспроти никакво извинување, ги спомена пожарите и поплавите во Атина за време на Владата на СИРИЗА, велејќи дека тогаш, од Ципрас не слушнале извинување за 120 мртви.

„Што се однесува на прашањето со снегот, сакам да ви кажам дека ниту еден метеоролог не го предвиде обемот на снег што падна во центарот на Атина. И за разлика од други снежни бури, снегот паѓаше напладне, обично паѓа ноќе, а ниту еден метеоролог не предвиде дека ќе падне половина метар во центарот на Атина и во северните предградија“ – рече Мицотакис.