Дванаесет работи кои треба да ги адресира Влада за стабилизација на состојбите

Колумна на универзитетскиот професор д-р Марјан Бојаџиев

Вовед          

Во Република Северна Македонија (РСМ) сме соочени со триесетгодишно владеење на две доминантни политички партии, заедно со ДУИ, како најдолгорочна партија од албанскиот политички блок.

Секоја политичка партија, секој политичар, секој функционер, секој член на власта и опозицијата во овој период има дадено свој мал придонес во изградбата на македонската државност на начин за кој сметал дека е најдобар.

Па, сепак, и покрај бројните напори, денес, во 2021 година, Македонија е со сè уште нереализирани цели:

  • Владеењето на правото е сериозен проблем кој го истакнуваат сите меѓународни извештаи за Македонија,
  • Корупцијата е канцер кој го разјадува општеството и денес сме на најниско 111– то место во светот,[i]
  • Економскиот развој не може да овозможи брз напредок и достигнување на ЕУ просекот,[ii]
  • Македонија е во процес на намалување на населението; од 2019– та година, официјално, природниот прираст е негативен,
  • Македонија се смета за „хибриден“ режим и има најлош резултат од сите земји на Западен Балкан (WB6).[iii]

Се разбира, имаме и многу успеси:

Денес Република Северна Македонија е самостојна и суверена држава со стабилна економија и бројни пријатели во светот.

Посебно сме горди на членството во НАТО и на сојузништвото со некои од најзначајните држави во светот, пред сè САД.

Македонија е горда на блиските односи со скоро сите земји од регионот: Словенија, Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора, Косово, Албанија, Бугарија, Грција и Турција.

По локалните избори од 31. октомври и најавената оставка на претседателот на Владата, г. Зоран Заев, ситуацијата неочекувано се искомплицира.

На ден 11. ноември очигледно е дека односот на силите во Собранието на Република Северна Македонија е точно 60:60 пратеници.

Таквата состојба го комплицира и отежнува управувањето со државата.

Ниту една Влада добиена со прекројување на парламентарно мнозинство од еден, два пратеници нема политички легитимитет.

Во таа насока, сметам дека единствен начин за раководење со Македонија во период од 12 месеци е влада за стабилизација на состојбите. (ВСС)

Владата за стабилизација би била најблиску до техничка влада, односно влада составена од експерти.

Но, не би се занимавала само со технички прашања – за жал, состојбите околу нас се премногу тешки: корупција, енергетска криза, загаденост на воздухот, буџетски дефицит и јавен долг, Ковид, односите со Бугарија се само некои од проблемите.

На прашањето како може ВСС да решава суштински проблеми, одговорот би бил: со перманентни консултации и градење на консензус – една од работите кои недостигаат во нашиот политички живот.

Во прилог се 12 идеи кои би можела и требала да ги спроведе таква влада.

  1. Македонија и Европа – толкување на договорот со Бугарија

 Дали Бугарија смее да ја блокира Северна Македонија? Македонија и Бугарија потпишаа договор за пријателство и добрососедство. Договорот предвидува развој и соработка, а не блокирање на европските аспирации на Република Северна Македонија.[1][iv]

Во таа насока, ВСС на Република Северна Македонија (РСМ) треба да го решава проблемот со Бугарија од правен, а не од политички аспект.

Владата на РСМ треба да го решава ова прашање како проблем на односите со ЕУ, а не на РСМ со Бугарија.

За таа цел, ВСС треба да  разговара со сите парламентарни партии и со Претседателот[v] на државата за една од следните опции:

  • Толкување на Договорот за добрососедство и решавање на прашањето дали Бугарија смее да ја блокира Македонија – да го реши Арбитражен суд составен од министрите за правда на шесте земји основачи на ЕЕЗ: 1) Германија, 2) Франција, 3) Италија, 4) Холандија, 5) Белгија и Луксембург,
  1. Македонија и Европа – членство во ЕЕА

Дури и да започне преговори во 2022, очигледно е дека Македонија нема да дојде до членство во следните 15 години. Поради тоа, Македонија треба веднаш да аплицира за ЕЕА, а членство во ЕЕА може да се стекне преку членот 128 од Договорот за ЕЕА.

Македонија треба да аплицира за такво членство заедно со земјите на Отворен Балкан или, уште подобро, заедно со земјите на WB6 и да бара од земјите членки промена на Договорот за основање, член 126.

На тој начин, многу побрзо ќе се приспособи на ЕУ регулативите.

 

Македонија и НАТО – Преспанскиот договор

 Република Северна Македонија останува доследен член на алијансата и ќе стори сè што е во нејзина моќ да ја унапреди својата борбена готовност според НАТО стандардите.

Преспанскиот договор беше предуслов за пристапување кон НАТО, но и за развивање на добрососедски односи. ВСС останува доследна да го спроведува Преспанскиот договор.

Соработката со САД како стратешки партнер, соработка со земјите од регионот, но и со бројните пријатели во ЕУ е од огромно значење.

  1. Владеење на правото и моралот – судство и обвинителство

 ВСС ќе разговара со парламентарните партии за подобрување на капацитетот на судството. Консензус би можел да се гради на следните предлози:

  • Постапност во изборот: судија и обвинител на повисок суд/повисоко обвинителство може да биде само судија/обвинител кој бил најмалку 5 години судија/обвинител во понизок суд.

 Отвореност на сите позиции во судството и обвинителството за граѓани од ЕУ

  • За судија/обвинител може да биде избран државјанин на Република Северна Македонија, но и државјанин на ЕУ под еднакви услови со граѓаните на РСМ. Судскиот совет ќе обезбеди преведувачи за функционирање на судии/обвинители кои не го говорат македонскиот јазик.
  • ВСС ќе преговара со ЕУ да ги покрие трошоците во разликите од платите и трошоците на живот на судии/обвинители од ЕУ земји.

 Промени во начинот на избор

  • АЛТ 1 Изборот го врши Собранието со 2/3 мнозинство доколку и Судскиот совет дал исто такво мнозинство за предлозите.
  • АЛТ 2: Изборот го врши Собор на судии и обвинители во кој учествуваат сите судии и обвинители во Република Северна Македонија, при што судии и обвинители од пониски судови/обвинителства гласаат само во својот ранг.
  1. Борба против корупцијата во државните органи и органите на управа

 Државата и органите на локална самоуправа се едни од главните генератори на корупцијата и неефикасноста.

Дел од проблемите се системски. Останатите се прекршоци или кривични престапи кои едноставно не се санкционираат во доволна мера.

 Избор на раководители на јавни претпријатија

  • Јавни претпријатија – Управувањето и раководењето со јавни претпријатија да биде целосно преземено од Законот за трговски друштва.

На тој начин:

  • Се воведува одговорност за членови на управни и надзорни органи,
  • Се воведуваат принципи на отчетност во работењето – надворешен ревизор, државен ревизор, како и сектор за внатрешна контрола.

 Избор на раководители на јавни установи

Избор на раководители на јавни установи се врши на меѓународен јавен конкурс. Изборот го врши Управниот/Надзорниот одбор со просто мнозинство од групите на претставници.

Кандидатот треба да обезбеди мнозинство од:

а) претставниците именувани од основачот, и б) претставниците именувани од стручен/научен/уметнички совет на установата.

Избор на раководители на јавни установи се врши за период од 5 години.

Избор на раководители на установи од високо образование и терцијарна здравствена заштита се врши според принцип на сениорност: 1) редовни професори, доколку нема кандидати, 2) вонредни професори и доколку нема такви кандидати, 3) доценти.

Избор на раководители на јавни претпријатија и установи се врши на меѓународен јавен конкурс на кој при еднакви услови можат да конкурираат државјани на ЕУ.

  1. Борба против Ковид

Република Северна Македонија треба да ja интензивира кампањата за вакцинација.

ВСС ќе предложи до парламентарните партии да прифатат една или повеќе од следните предлози:

  • Задолжително вакцинирање на вработени во јавниот сектор,
  • Задолжително вакцинирање на сите вработени во здравство, образование, трговија, сектор на домови за стари лица, студентски и ученички  домови,
  • Да воведе контроли за влез во која било затворена просторија вклучувајќи и автобуски превоз (ЈСП)
  • Економија, фискална политика и буџетски дефицит

 Македонија треба да обезбеди одржлив развој. Раст на задолжувањето, раст на буџетскиот дефицит едноставно не доликува на домаќинско работење.

Поради тоа, ВСС ќе им предложи на парламентарните партии:

Нула дефицит за тековни трошоци во 2022-2032

  • Намалувањето на буџетските трошоци би било исклучиво на товар на: непродуктивни трошења, набавки на мебел, репрезентација и слично,
  • Намалувањето на буџетски трошоци би било врз основа на намалување на плати за раководители, според принципот раководител на секои 50 вработени,
  • Намалувањето на буџетски трошоци во иднина би се спровело преку: 1) замрзнување на места на плати во администрацијата за период од 10 години, и 2) Зголемување на платите само врз основа на намалување на бројот на вработени во администрација.

Дефицит може да се користи исклучиво наменски

 Во периодот 2022 – 2032 дефицит би се користел само наменски и тоа за следново:

  • Изградба на патна инфраструктура,
  • Изградба на гасоводна структура,
  • Изградба на електрични централи,
  • Финансирање на регионален развој, и
  • Санирање на последици од непогоди, вклучително и здравствени непогоди како што е Ковид.
  • Енергија

Електричната енергија е производ кој има загарантирана продажба, а Македонија го произведува сè помалку и помалку.

Македонија треба веднаш да организира експертски панел кој треба да донесе заклучоци за енергетската независност во иднина.

ВСС би отворила дискусија пред парламентарните партии за постигнување на консензус за една од следните опции:

  • Да се гасифицира ТЕЦ Неготино како државна инвестиција или како јавно–приватно партнерство,
  • Да се спроведе гасификација и воведе централна топлификација во секој поголем град,
  • Да се инвестира во партнерство со Бугарија за заедничка изградба на Н.Е. Белене,
  • Да се инвестира во гасна централа Александропулис,
  • Да се интензивира градење на централи на ветер и сонце,
  • Да се субвенционираат зелените програми во индустријата и домаќинствата.

IX Спречување на загадувањето и енергетска ефикасност

 Како што е наведено во поглавјето за економија и буџетски дефицит, буџетот може да се користи, меѓу другото, и за финансирање на „зелена агенда“:

– Во индустријата треба да се забрани увозот на отпад, а загадувањето да се санкционира како кривично дело, за правното лице и за одговорното лице,

– Сите погони кои емитираат штетни материи треба веднаш да бидат затворени,

– Греењето се заменува со греење на гас или преку централно греење, исто така на гас,

– Се субвенционира купување на автомобили Е6 за сите оние кои имаат потреба (на пример, приход до две просечни плати во последната година),

– Такси возилата и автобусите во јавен превоз да бидат само со еко погон (електричен, хибриден или метан),

– Се забранува палење на ѓубришта и тоа се санкционира како кривично дело,

– Улица не може да има употребна дозвола доколку нема велосипедска патека

– Секој објект треба да има енергетски ефикасна фасада

  1. Македонија е држава на сите граѓани а не само на македонскиот и на албанскиот народ 

Македонија треба да работи на целосна заштита на правата и идентитетот на сите малцинства.

Нема никаква причина одредбите од Рамковниот договор да не се применуваат на сите заедници.

  1. Укинување на прагот од 20%

Претседателот ќе предложи укинување на прагот до 20% за права кои произлегуваат од Рамковниот договор.

На тој начин:

  • Ќе се намали притисокот кај албанската заедница дека треба да биде 20%,
  • Ќе се овозможат поголеми права и за помалите заедници секаде каде е тоа возможно: на пример, табли на институции на седум јазици (македонски, албански, турски, влашки, ромски, српски, бугарски).

XII.  Претседател од редот на заедниците

Претседателот треба да се бира во Собранието со ¾ мнозинство и со право на еден мандат од пет години.

Најмалку секој четврти претседател мора да биде избран од редот на припадниците на заедниците.

[1] Почитувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа, / преамбула/

– Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО.  / член 2.2. /

– Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер.  / член 11.1/

– Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни. / Член 14/

[i] https://www.transparency.org/en/cpi/2020/index/mkd

[ii] https://ec.europa.eu/economy_finance/forecasts/2020/spring/ecfin_forecast_spring_2020_mk_en.pdf

[iii] https://freedomhouse.org/country/north-macedonia/nations-transit/2020

[iv] Почитувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа, / преамбула/

-Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО.  / член 2.2. /

-Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер.  / член 11.1/

– Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни. / Член 14/

[v] Претседателот ја претставува Републиката  / член 79 од Уставот /