Антонио Гутереш – генералниот секретар на ОН изјави дека одлуката на Русија да ја признае независноста на украинските сепаратистички територии Доњецк и Луганск ја смета за „кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“. Тоа е „некомпатибилно со принципите на Повелбата на ОН“, додаде тој.
„ОН, во согласност со резолуцијата на Генералното собрание, продолжуваат целосно да го поддржуваат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“ – рече Гутереш.
Генералното собрание на ОН в среда ќе го одржи својот годишен состанок за „привремената окупација“ на Украина по руската анексија на Крим во 2014 година.
Генералниот секретар во својата реакција „ги повика сите засегнати страни да ги фокусираат своите напори на итен прекин на непријателствата“.