Шолц – Макрон – Бајден: Чекорот на Русија нема да остане без одговор!

Во заедничката изјава на германскиот канцелар – Олаф Шолц, францускиот претседател – Емануел Макрон и американскиот претседател – Џо Бајден стои дека „Едностраниот чекор на Русија е јасно кршење на Договорот од Минск и тој чекор нема да остане без одговор“.

„Канцеларот Шолц вечерва разговараше со Бајден и Макрон по влошувањето на ситуацијата во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша Указот за признавање на самопрогласените Доњецка Народна Република (ДНР) и Луганската Народна Република (ЛНР) во источна Украина“ – изјави портпаролот на германската влада, Стивен Хебестрајт.

„Тие се обединети во изјавата дека овој унилатерален чекор на Русија е јасно кршење на Договорот од Минск. Германија, Франција и САД остро ја осудуваат одлуката на рускиот претседател. Тој чекор нема да остане без одговор“ – стои во заедничкото соопштение.

Шолц, Макрон и Бајден изразија солидарност со Украина и ја пофалија досегашната воздржана реакција од претседателот Володимир Зеленски.

Тие нагласија дека нема да попуштат во нивната посветеност на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.