Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е добитник на признанието „Промотор на читачката култура“ на МАИ

На синоќешното доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на Саемот на книгата, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје се закити со признанието „Промотор на читачката култура“. ГБСК наградата ја добива за кампањата „Читаме современи македонски автори“, која втора година по ред е силна и посветена поддршка за македонските автори, издавачи и промоција на македонскиот јазик.

Комисијата смета дека со кампањата „Читаме современи македонски автори“ Библиотеката даде и сериозен придонес во развивањето и промовирањето на читачката култура во Македонија:

-Низата од синхронизирани активности, како што е издвојување на книга на месецот од македонски автор, проследено со промоција, разговор со авторот и дискусија за книгата во неформален клуб на читатели придонесе за зголемување на интересот на читателската публика за современата македонска книжевност. Комисијата го нагласува и промовирањето и истакнувањето на книгите во самите објекти на библиoтеката, како и промоцијата и претставувањето на македонските автори и дела преку медиумите и социјалните мрежи. Зголемениот интерес на членовите на библиотеката за домашните автори и авторки, како и зголемениот откуп од издавачите на книги од македонски автори потврдува дека оваа кампања ги остварила зацртаните цели. Треба да се истакне дека на долг рок, „Читаме современи македонски автори“ од кампања може да се претвори во стратегија која ќе изврши уште поголемо влијание во унапредувањето на читачката култура во Македонија – стои во образложението на Комисијата за доделување на наградите.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година и заклучно со мај оваа година донесува 16 автори и исто толку дела.

-На почетокот сакавме да се избориме со предрасудите дека интересните книги доаѓаат од странство, во превод до друг јазик, од странски писатели. Сакавме современите македонски македонски автори да имаат достојно место на нашите полици и најважно, меѓу читателите. Избравме начин за нивно непосредно претставување и доближување. Сите наши настани се одлично посетени. По две години можеме да кажеме дека нештата се менуваат, дека значајно е зголемен интересот за македонските писатели, па и за оние што не се дел од кампањата. Признанието од МАИ е посебно значајно затоа што доаѓа од фелата како потврда дека го правиме вистинското нешто, веруваме и вложуваме во македонската литература и во македонскиот јазик – истакнува Снежана Стојчевска, директорка на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

Третиот циклус на кампањата „Читаме современи македонски автори“ ќе започне во септември оваа година и ќе трае до мај 2025, со нови осум автори и дела.

Наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) беа доделени по осми пат, а годинава за нив одлучуваше жирито во состав: Николина Андова Шопова – писателка, Биљана Стојановска – писателка и новинарка и Ива Јовановска – графичка дизајнерска. Наградите беа доделени во рамките на 36. Саем на книгата во Скопје.