
Градоначалникот на Крива Паланка не вели „не“ за рудникот за антимон, но ќе инсистира на стандарди и заштита
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, реагираше со соопштение на најавите за отворање рудник на антимон во атарот на оваа општина. Тој не ја отфрла инвестицијата, но бара вклучување на експертската заедница, гаранции за почитување на стандардите и контрола и заштита на производството кое, според него, треба да се одвива во затворен систем – без загадување на воздухот, почвата и водите.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, реагираше со соопштение на најавите за отворање рудник на антимон во атарот на оваа општина. Тој не ја отфрла инвестицијата, но бара вклучување на експертската заедница, гаранции за почитување на стандардите и контрола и заштита на производството кое, според него, треба да се одвива во затворен систем – без загадување на воздухот, почвата и водите.
„Крива Паланка е рударски град. Тоа не е само економска категорија, тоа е дел од нашиот идентитет, нашата традиција и начинот на кој овој крај се развивал со децении. Од таа перспектива, секоја иницијатива поврзана со рударството мора да се разгледува сериозно, одговорно и со целосна свест за потенцијалните придобивки и ризици. Затоа, на ова прашање не гледам ниту површно, ниту политикантски, туку исклучиво одговорно, со долгорочна визија и државнички пристап.
Факт е дека локалната економија има потреба од сериозни инвестиции. Особено ако се земе предвид дека, согласно важечките урбанистички планови, Крива Паланка нема реални просторни можности за развој на класична индустрија или индустриска зона.
Во такви околности, секоја стратешка инвестиција што може да отвори нови работни места, да поттикне економска активност, да ја зајакне локалната економија и да придонесе кон финансиска стабилност на општината, заслужува внимателна, транспарентна и одговорна анализа. Дополнително, доколку се потврдат анализите дека станува збор за едно од најголемите наоѓалишта на антимон, тоа отвора сериозна развојна перспектива и значајни придобивки за граѓаните на Крива Паланка.
Но, истовремено, мојата обврска како градоначалник е јасна и недвосмислена, да го заштитам здравјето на граѓаните и животната средина. Тоа е приоритет кој стои над се друго. Тука нема компромис.
Токму затоа, мојот пристап е прецизен и јасно дефиниран: вакви инвестиции можат да се реализираат исклучиво под строго утврдени услови и со највисоки стандарди на контрола и заштита. Ќе инсистирам на процес на производство од затворен карактер, без испуштање на штетни материи, без негативно влијание врз водите, почвата и воздухот, како и на обезбедување цврсти финансиски гаранции, вклучително и банкарска гаранција за секоја евентуална штета по животната средина. Сметам дека ова не е прашање што може да се решава без активно и суштинско вклучување на стручната јавност. Професорската фела, експертите, невладиниот сектор и локалната заедница мора да бидат дел од целиот процес, особено во делот на технологијата и влијанието врз животната средина“, порача градоначалникот на Крица Паланка.