Гир: Почеток на преговорите со С. Македонија и Албанија што е можно поскоро

„Сакаме почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро и ги поттикнуваме сите напори за остварување на оваа цел“ изјави денеска во Скопје амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската унија во земјава – Дејвид Гир

Гир посочи дека не сака да навлегува во дебатата со рокови, но посочи дека треба да бидат направени максимални напори за остварување на целта за отворање на преговорите, што е можно побрзо.

„Апсолутно сме одлучни да продолжиме напред, знаеме дека е од стратешки интерес на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, овие земји да се приклучат на Унијата и ние очекуваме продолжување на процесот и да ја видиме Северна Македонија во ЕУ што е можно поскоро“ – изјави Гир.

Тој рече дека ставот на Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се јасни.

„Пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила. Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Тоа е апсолутен приоритет и пат базиран на реформи. Затоа, не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ“.