Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир повикува на уставни измени. Тој вели Македонија да ја прифати оваа можност, бидејќи во спротивно ќе прекине скринингот.
Тој во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 нагласи дека доколку не се направат уставните измени, тоа значи дека сме ја пропуштиле шансата, која други ќе ја искористат.
-Уставните промени се голем проблем. Суверенитетско прашање е за државата. Но мислам дека неколку елементи ќе бидат особено важни и ќе треба да се земат предвид штом ќе се објави предлогот и ќе стане достапен за јавноста. Ќе почнам со уставните промени. Мислам дека пред сѐ тука се клучни тајмингот и контекстот. Лани во јули ги почнавме пристапните преговори со Македонија. Засега процесот се одвива добро. Скринингот е во тек, тимовите се добро организирани и гледам позитивни промени. Постои залет. Но постои еден поширок контекст како резултат, за жал, на војната на Русија против Украина. Има залет за проширувањето и сите сега ја разбираат сериозноста на интересот за напредување во процесот на проширувањето на ЕУ. Мислам дека сега има голема шанса. Во овој миг вратата е отворена доколку се воведат уставните промени. Така државата ќе премине на следниот чекор – рече Гир.
На прашањето околу тоа што доколку не се направат уставните измени, Гир вели дека тоа значи дека ќе ја пропуштиме шансата, која други ќе ја искористат.
– Што ако државата не го направи тој чекор и одлучи да не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ – рече амбасадорот Гир.
Според него, Парламентот треба да се фокусира на аргументите, да ја види пошироката слика и да донесе одлука.