Гир и Бомгартнер: Имаме стратешки интерес да ја видиме С. Македонија членка на ЕУ

„Северна Македонија веќе ги има исполнето условите за отворање на преговорите, така што следниот чекор е што треба да напредуваме кон отворање на пристапните преговори. Сигурно дека Украина нема да го забави тој процес, меѓутоа треба да ги спроведеме реформите, коишто се брзиот пат кон членство во ЕУ. Новиот геополитички контекст само ја зајакнува стратешката важност за стабилизирање на регионот, особено за Северна Македонија на премин кон нова етапа, а тоа е регионална интеграција, така што тој нов концепт не може да предизвика спротивни ефекти“.

Ова е ставот на евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер на заедничката прес-конференција за ситуацијата во Украина.

Гир и Бомгартнер отфрлија брз прием на Украина во ЕУ, и истакнаа дека ситуацијата во Украина ја нагласува важноста на блиското партнерство со Унијата и вредноста на Северна Македонија како членка на НАТО.

„Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. Имаме силен стратешки интерес да ја видиме оваа земја како земја членка на ЕУ. Тоа веќе беше изразено од страна на сите европски лидери во Брдо и тоа е всушност клучната порака која што ние ја кажавме. Се разбира дека процесот на пристапување треба да биде испорака на реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи“ – порачаа Гир и Бомгартнер.

Бомгартнер подвлече дека во процесот за европска интеграција на Северна Македонија, Франција придава стратешко значење и тоа е нешто што е веќе признаено.

„И француските власти имаат повод тоа да го истакнуваат во повеќе наврати јавно велејќи дека формално Северна Македонија ги исполнува сите услови што се бараат од ЕУ, прецизирајќи дека според нас, а мислам дека тоа го споделуваат и сите други земји дека во последните години земјата навистина постигна забележителен напредок и со тоа навистина се зголемува динамиката за приближување кон ЕУ, но исто така ние сме истакнувале дека постои стратешко значење во тој процес заради регионалната стабилност и денес ќе кажам дека сосема е јасно дека новиот геополитички контекст само го зајакнува ова тврдење“ – рече Бомгартнер.

Гир посочи дека денес ЕУ и Украина се поблиску од било кога, но оти се уште претстои долг пат.

„Мораме да ставиме крај на ова и ние треба да разговараме за следните чекори. Јас сум сигурен дека никој не се сомнева, дека луѓето кои се спротивставија се борат толку силно и храбро за европските вредности и нивното место е во ЕУ. Меѓутоа, како што кажав тоа е одлука која што треба да се донесе од раководството на ЕУ тоа што се однесува на оваа земја“ – додаде Гир.