Германија двојно го зголемува бројот на работни визи за Западен Балкан
Германија од 1 јуни двојно го зголемува бројот на работни визи за граѓаните кои доаѓаат од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија.
Годишната квота ќе се зголеми на 50.000 издадени одобренија од Сојузната канцеларија за труд, пренесува „Шенген ВизаИнфо“.
Регулативата за земјите од Западен Балкан беше ограничена до крајот на 2023 година. По усвојувањето на новиот Закон за имиграција на квалификувани работници, Германија одлучи да ги промени правилата за тие земји.
Новите правила ќе бидат дистрибуирани наскоро, а дотогаш сите термини ќе продолжат да се доделуваат преку системот на лотарија.
Германските амбасади во овие земји од Западен Балкан воспоставија месечен систем на лотарија кој по случаен избор избира луѓе на кои ќе им биде дозволено да закажат термин за да аплицираат за виза.
Ново пријавување за закажување германска работна виза според Регулативата за Западен Балкан се отвора денеска, а ќе заврши на 14 мај 2024 година.
Минатата година околу 76.000 граѓани на балканските земји имале дозволи во Германија што е за 22% повеќе во споредба со 2022 година, кога Германија имаше околу 62.000 работници кои имаа дозволи од овие земји.