Борел: Нетанјаху не ги слуша ЕУ и САД, офанзивата на Израел врз Рафах ќе доведе до уште поголем број цивилни жртви

Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел денеска изјави дека и покрај јасните предупредувања од ЕУ, САД и други земји, решеноста на Израел да изврши компнена офанзива врз Рафах ќе доведе до смрт на уште поголем број цивили, пренесуваат светските агенции.

Израелски воени претставници утрово соопштија дека нивните сили ја презеле контролата врз палестинската страна на преминот Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој е клучна стратешка точка и единствената порта за влез на хуманитарна помош во Појасот.

Изјавата шефот на европската дипломатија ја даде пред почетокот на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка.

„И покрај сите барања на меѓународната заедница, САД, земјите членки на Европската Унија, до (изралескиот премиер) Нетанјаху да не ја напаѓа Рафах, нападот почна ноќеска. Се плашам дека ова повторно ќе предизвика многу жртви, цивилни жртви. Што и да кажат. Нема безбедни зони во Газа“ – пренесува Ројтерс дел од изјавата на Борел.

Тој во изјавата потсети дека Хамас претходно се согласил на предложениот план за прекин на огнот во Газа, но оти тој бил одбиен од страна на Израел, по што ноќеска уследи израелската офанзива на Рафах.

„Не можам да ги замислам хуманитарните загуби што таа ќе ги предизвика. Јасно е дека продолжувањето на војната ќе предизвика нова катастрофална хуманитарна криза, поголема отколку што е сега. Останува да видиме како да се справивме со последиците од оваа ситуација“ – рече Борел.

Борел најави дека за политичката димензија на најновите случувања на Блискиот Исток ќе стане збор на следниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ, без да прецизира кога тој ќе се одржи.