Герапетритис: Договорот од Преспа претставува условеност за претпристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ

Договорот од Преспа претставува условеност за претпристапниот процес на Република Северна Македонија во Европската Унија, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис од грчкиот Парламент одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката на Нова левица Сиа Анагностопулу за „владината стратегија на Западен Балкан“.

Пратеничката од Нова левица, која воедно беше и алтернативна министерка за надворешни работи во Владата на СИРИЗА, побара одговори од Герапетритис за политиката во однос на Косово, Албанија и Северна Македонија.

За односите нашата земја, Анагностопулу упати критики до Владата дека доцни цели пет години со ратификацијата на трите меморандуми, дека не е одржан Висок совет на соработка што треба да се одржува еднаш годишно, дека нема напредок во работата на комисиите за учебниците и за трговските ознаки, но и дека нема нови билатерални договори.

Шефот на грчката дипломатија повтори дека потребно е верно и доследно спроведување на Договорот од Преспа, истакнувајќи дека е „надреден во однос на кој било друг закон“ и посочи дека Грција „многу тесно го следи текот Договорот“.

Потенцираше дека иако тие како опозиција изразија несогласување за конкретни точки, сепак „државата секако има континуитет“ и тие го прифаќаат Договорот.

-Ние го изразуваме континуитетот на државата. Целосно го прифаќаме Договорот од Преспа. Не можеше да биде поинаку, бидејќи претставува уставна обврска, но од друга страна, ние ќе продолжиме тесно да го следиме развојот и усогласувањето. Бидејќи за да може да има разврска, да се ратификуваат протоколите и да постои кој било предвиден напредок во однос на секундарни протоколи или меморандуми, ќе треба да постои договор на двете страни и ќе треба да постои целосно усогласување со одредбите на Договорот од Преспа, рече Герапетритис.

За трите меморандуми, кои сè уште не се ратификувани во Парламентот, уште еднаш повтори дека ќе дојдат за ратификација „кога тоа ќе го оцени Владата“ и додаде дека треба да се укаже дека „мора да постои верно придржување и од страна на соседната земја“.