Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски синоќа на ТВ24 рече дека „овој нов ветар од македонска и бугарска страна е добар“. Сепак, како што рече, жали што во двете општества секогаш кога ќе се направи некоја иницијатива да се подобрат односите, се наоѓаат душегрижници кои наоѓаат проблеми.
„Кај нас, постојано имам чувство дека што и да се направи од бугарска страна, таквите душегрижници, особено ботовите на интернет реагираат по автоматизам. Новиот бран би го протолкувал како нова стратегија на Бугарија која долги децении велеше дека Македонците се Бугари од почеток до денес, а потоа се разви нова теза, дека денес Македонците може да се кажуваат како сакаат, но претците не може да ги дадат. Не сметам дека политиката на државно ниво треба да решава историски проблеми. Како политичар од ВМРО-ДПМНЕ за 30 години на првото основачко собрание на партијата реков дека Македонија треба да ја смени политиката кон Бугарија, треба да направи ревизија на сопствената историја и тоа треба да го направиме заради нас самите“ – рече Георгиевски.
Тој смета дека минималниот тек на преговори е 5-6 години, а сето тоа зависи од расположението на Франција.
„Бугарското општество треба да си најде јазик на комуникација за оние кои се чувствуваат како Македонци и според нивните пописи излегува дека има 1.800 декларирани Македонци. Во Македонија како да забораваме дека до 1992 се грижела за малцинствата во соседните држави и ништо не направивме за тие Македонци. Сметам дека тоа `фашистичка сила` е прелевање на дискусија која трае во Бугарија повеќе децении и сега се интензивира во нивното општество. Терминот окупација нема етничка позадина, тоа е правен термин. Не е спорно дека Бугарија ја има окупирано во тој момент Југославија и посебно делот кој е признат Вардарска Бановина во кој живеат Срби. Тоа што нам толку не боли што не ни дозволија да станеме Срби, тоа е друго прашање. Како ниту еднаш не спомнуваме дека пред таа окупација, туку постои српска окупација, тоа во нашите учебници е Македонија меѓу двете светски војни. Самите Бугари немаат расчистено со терминот фашизам, а нас не тераат да расчистиме со тоа“ – рече меѓудругото Георгиевски.