Генчовска до Османи: Не сме на фудбалски натпревар па да гледаме во чие поле е топката!

 „Позицијата на Бугарија за почеток на преговорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ е јасна и нема начин да се смени претстојниот Совет за општи работи“.

Ова денеска го изјави министерката за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска.

За коментарот на нејзиниот македонски колега – Бујар Османи кој рече  дека „топката е во Бугарија и дека нивната земја нема јасен и единствен став за Македонија“, Генчовска вели дека односите меѓу двете земји не можат да се сведуваат на фудбалски натпревар и да се разговара во чие поле е топката.

„Министерот за надворешни работи Бујар Османи често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам на кој појасен начин да му објаснам на господинот Османи“ – изјави Генчовска, пренесе „БГНЕС“.

На прашањето дали очекува промена на ставот на Бугарија за укинувањето на ветото таа вели:

„Не. Нема шанси да се смени нашиот став на Советот за општи работи, бидејќи таква тема нема“.