
Вучиќ најави враќање на воената служба од 1 март следната година: „Касарните ќе бидат како нови фабрики“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е реално обврската за служење воена служба да се обнови до 1 март следната година и оцени дека по тоа „земјата ќе биде многу посилна“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е реално обврската за служење воена служба да се обнови до 1 март следната година и оцени дека по тоа „земјата ќе биде многу посилна“.
Вучиќ рече дека воената служба ќе трае 75 дена и дека е „детска игра“ во споредба со 365 дена колку што беше порано.
„Сепак, овие млади мажи ќе стекнат нови навики, поголема одговорност и сериозност, ќе стекнат некои животни навики и ќе научат што е држава. И државата ќе биде многу посилна“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека изградбата на касарни во пограничните области на земјата ќе биде особено поттикната.
„Од Сомбор до Пирот, од Прибој до Заечар и до Кладово… Бидејќи со ова ги зајакнуваме и овие локални самоуправи. Армијата ќе ги има своите плати, ќе троши пари во градот, ќе им доаѓаат семејствата и некој ќе мора да ги храни. Тие градови на тој начин, де факто, ќе добијат нова фабрика“, оцени тој.
Одговарајќи на критиките дека Србија ќе изгради фабрика за производство на воени дронови заедно со Израел, Вучиќ рече дека не разбира дали е критикуван или фален, бидејќи е горд на ова достигнување и бидејќи тоа ќе обезбеди Србија да ги има „најдобрите дронови во овој дел од светот“.