
Се нормализира водоснабдувањето во градот Штип. Повеќето од штипските населби имаат вода за пиење, освен граѓаните што живеат во повисоките зони на градот.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, за МИА појаснува дека во текот на денот ќе има нормално водоснабдување во градот и во приградските населби.
Вчера, поради висока матност на водата, која доаѓа преку цевководот од ХС „Злетовица“, беше исклучена филтер-станицата што ја преработува водата и се дистрибуира низ водоводниот систем.
Директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Александар Арсовски, на вчерашната вонредна прес-конференција појасни дека исклучувањето на филтер-станицата е поради невремето во Пробиштипскиот Регион, кое предизвика заматеност на водата од ХС „Злетовица“. Но, по намалувањето на матноста, штипската филтер-станица беше повторно вклучена за да ја преработува водата за пиење.