Во Црна Гора се слави Денот на независноста

Во Црна Гора денеска се слави Денот на независноста. На денешен ден пред 16 години ја напуштија државната заедница со Србија и продолжија како независна држава.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека земјата денеска цврсто стои на европскиот пат и е почитувана членка на НАТО. Тој во честитката кажа дека се повеќе граѓани во Црна Гора ја гледаат важноста од победата на референдумот во 2006 година.

„Развојот на ситуацијата во Црна Гора, како и регионалниот и меѓународниот контекст потврдуваат колку визионерска била одлуката за обнова на државата. И колку е важно, особено во вакви турбулентни времиња, да го имаме кормилото на управувањето со државата во наши раце“ – рече Ѓукановиќ.

Според него, Црна Гора веќе е почитувана членка на НАТО и цврсто стои на европскиот пат.

Црногорскиот премиер – Дритан Абазовиќ, на приемот по повод Денот на независноста рече дека по 16 години треба да се запрашаат дали е направено доволно за да се зајакне Црна Гора и да биде прифатлива за сите.

„Нашата намера е овој ден да го слават сите граѓани на нашата држава, без разлика како гласале пред шеснаесет години, како се изјаснуваат и кому му се молат на Бога. Тврдам дека без сите вас нема ја помири и развие Црна Гора“ – истакна Абазовиќ.

Тој потенцираше дека не смеат да дозволат непочитувањето на различните мислења да произведува поларизација во општеството, аверзија кон државата и нејзините симболи.