Во ресторани и канцеларии во Велика Британија ќе бидат забранети нови родово неутрални тоалети

На баровите, рестораните и канцелариите во Велика Британија ќе им биде забрането да назначуваат нови простории како родово неутрални тоалети, според измените на законот што ќе стапат во сила подоцна оваа година.

Британските министри рекоа дека измените на законот ќе ја зголемат „безбедноста, приватноста и достоинството“ на жените.

Врз основа на тие измени на законот, новите јавни и деловни згради ќе мора да имаат посебни машки и женски тоалети, пишува Тајмс.

Според тие одредби, оние кои не можат да го обезбедат тоа ќе мора да имаат просторија што вклучува тоалет, мијалник и фен за раце зад врата што може да се заклучува.

Министрите рекоа дека одлуката ќе стави крај на зголемувањето на бројот на таканаречените „родово неутрални“ тоалети кои оневозможуваат приватност.

Измените на законот, сепак, беа критикувани од активисти за правата на ЛГБТК, кои предупредија дека тоа дополнително ќе ги маргинализира трансродовите лица.

Британската влада првпат ги предложи измените на законот минатата година, и покрај силната кампања на противниците на измените кои рекоа дека трансродовите жени ќе бидат изложени на ризик за нивната безбедност со тоа што ќе мора да користат машки тоалети.

Анкетата на YouGov претходно оваа година покажа дека 48 отсто од луѓето се чувствуваат непријатно кога користат родово неутрални тоалети, вклучително и 57 отсто жени.