Новата Влада ќе има 21 член. И покрај заложбите за поголема родова еднаквост, со министерските позиции ќе раководат 17 мажи и 4 жени.
Бројот на жени во владиниот тим е ист како и во претходната Влада, иако новиот состав ќе брои едно министерство повеќе.
Славица Грковска е назначена за вицепремиерка за борба против корупцијата, Славјанка Петровска, ќе го води Министерството за одбрана, Јована Тренчевска Министерството за труд и социјална политика, додека Бисера Костадиновска-Стојчевска е нова министерка за култура.
На вицепремиерските функции ќе се најдат уште и Артан Груби (политички систем и односи со заедниците), Бојан Маричиќ (европски прашања), Фатмир Битиќи (економски прашања) и Џемаил Чупи (дијаспора). На своите досегашни министерски позиции остануваат и Оливер Спасовски (МВР), Крешник Бектеши (економија), Фатмир Бесими (финансии), Горан Милевски (локална самоуправа), Бујар Османи (МНР), Благој Бочварски (транспорт и врски) и Насер Нуредини (животна средина и просторно планирање).
Промена во ресорите има кај Јетон Шаќири, кој од Министерството за информатички науки преоѓа во Министерството за образование и наука и Љупчо Николовски, кој од вицепремиер сега ќе биде министер за земјоделие.
Нови министри се и Никола Тупанчевски (правда), Беким Сали (здравство) и Адмирим Алити (информатичко општество и администрација).
Шест од предложените функционери се со образование поврзано со економија, пет се правници, па двајца со медицинско образование. На останатите позиции ќе има по еден математичар, архитект, лингвист, социолог, информатичар, менаџер, комуниколог и професор по религија.