Во Брисел нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина

 

Денеска во Брисел ќе продолжат разговорите во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а се очекува повторно главна тема да биде одлуката на централната банка во Приштина да ја забрани употребата на динари на Косово, јави РТС.

За време на петтата рунда од дијалогот за едностраната одлука на Приштина за откажување на плаќањата во динари, делегацијата од Белград ќе ја предводи директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, додека приштинската страна треба да ја претставува главниот преговарач Бесник. Бисљими.

„Одиме со надеж дека ќе најдеме решение за динарот, иако не сум оптимист, имајќи ја предвид неподготвеноста на Приштина да бара решенија преку компромис“, рече Петковиќ.

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во понеделникот изјави дека оваа недела ќе биде домаќин на главните преговарачи на Белград и Приштина за нова рунда разговори.

„Очекувам двете страни да дојдат на состанокот со отворени умови, да бидат флексибилни и ориентирани кон изнаоѓање решение, врз основа на идеите презентирани на претходните состаноци“, рече Лајчак на Фејсбук.

Последниот состанок на преговарачите од Белград и Приштина, посветен на регулирањето на централната банка во Приштина, се одржа на почетокот на април во Брисел.