Јавен обвинител од ОЈО – Скопје синоќа извршил увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, каде животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство.
Наведуваат дека според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „Цитроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди девојката починала на лице место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница.
„По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, а нареди и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот со цел да се утврди дали тој управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции. Издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата. Се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување“ – информираа од ОЈО.