
ВМРО-ДПМНЕ нема да плаче по Орбан: Владите се менливи, порача Муцунски
Одговарајќи на прашањето како нашата влада ќе соработува сега со Петер Маѓар кога недела дена пред изборите му даде поддршка на Орбан, Муцунски спомена дека имал разговор со идната министерка за надворешни работи од партијата Тиса, дека има многу работи што ги спојуваат двете држави и дека меѓусебните односи на Унгарија и на Македонија не можат да бидат врзани со одредени политички влади.
ВМРО-ДПМНЕ нема да плаче по Виктор Орбан и ќе соработува со новата унгарската влада. Ова го потврди шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, порачувајќи на прес-конференција со белгискиот вицепремиер и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка, Максим Прево, дека владите доаѓаат и си одат и дека нема ништо поважно од демократски изразената волја на унгарскиот народ.
Одговарајќи на прашањето како нашата влада ќе соработува сега со Петер Маѓар кога недела дена пред изборите му даде поддршка на Орбан, Муцунски спомена дека имал разговор со идната министерка за надворешни работи од партијата Тиса, дека има многу работи што ги спојуваат двете држави и дека меѓусебните односи на Унгарија и на Македонија не можат да бидат врзани со одредени политички влади. Откако порача дека владите се менливи, тој потсети дека и СДСМ, која деновиве ги критикува поради соработката со Орбан, додека била на власт исто така соработувала со него.
Муцунски притоа избегна да одговори на прашањето дали во разговорот со идната министерка Анита Орбан го отвориле и прашањето за Никола Груевски, наведувајќи други теми кои според него биле приоритетни околу идната соработка.
Главна тема на средбата со белгискиот гостин беше сепак евроинтеграцијата на Македонија, при што Прево отскокна од вообичаената порака дека никој не може да и гарантира на Македонија дека нема да има нови условувања на патот до членство. Иако се огради дека зборува во име на Белгија а не во име на сите земји членки, тој порача дека ЕУ треба да обезбеди, откако ќе бидат усвоени уставните измени, да не се случи некој друг да ни го блокира напредокот на европскиот пат. Според него, во Белгија постои јасна определба дека треба да биде дадено уверување на Македонија дека нема да се јави повторна блокада или пречка откако ќе бидат направени потребните промени.
„Јас се разбира можам да говорам во име на Белгија, не во име на сите 27 земји членки. За нас, постои јасна волја дека овие уверувања треба да бидат дадени на Северна Македонија откако таа ќе ја направи таа ревизија и дека патот ќе биде деблокиран и отворен, се разбира во оние класичните етапи на исполнување на различните поглавја коишто ќе треба да бидат усвоени, но дека нема да се јави повторна пречка или блокада во патот. Мислам дека сите земји членки заедно може да дадат адекватен одговор и во кулисите на ЕУ да се искаже волјата дека овие уверувања ќе и бидат понудени на Северна Македонија“, изјави Прево. Европската Унија како глобална институција, додаде тој, тешко може да даде гаранции во име на секоја од своите земји членки посебно.
„ Она што може да го поттикнува Европската Унија преку дијалогот, посредувањето и медијацијата, е да учествува во осигурувањето дека Северна Македонија ќе може да ги примени договорените измени во Уставот и дека нема други земји-членки по шест месеци, една година, 18 месеци да доаѓаат со повторни билатерални прашања за да го спречат, запрат и блокираат тој пат“, изјави Прево.
Прашан дали Белгија би се откажала од своето право на вето и би го прифатила принципот на квалификувано мнозинство, тој рече дека „сега постојаното прашање за едногласност поврзано со прашањата за надворешни работи и безбедност болно го доживеавме последните години и тие често ја доведоа ЕУ до состојба на тишина и молк и на неможност да искаже глас, како што треба да даде како геополитичка сила“.
„Видовме што се случи со палестинското прашање. Можеме да бидеме задоволни од поддршката што ја пруживме на Украина, но не сме среќни што ние не сме на масата, иако ние ја плаќаме сметката за тој ручек. Мислам дека за функционирањето на овие 27 земји, а и утре, доколку сме повеќе, треба да се повикаме на квалификуваното мнозинство, кое што ќе одземе еден дел од правото за едногласност за одредени многу конкретни прашања “, рече Прево.
Генерално тој порача дека Македонија може да смета на Белгија како цврст, стабилен, постојан и сигурен сојузник на нашиот пат за Европската Унија, без никаква двосмисленост притоа.
„Белгија продолжува цврсто без никаква двосмисленост да го поддржува европскиот пат на Северна Македонија. Цврсто сум убеден дека билатералните прашања, кои што сите ги знаеме, и коишто вашата земја ги знае, не треба во ниту еден момент да го спречат процесот на пристапување. Јас и понатаму ќе продолжам да се залагам за преведен и кредибилен процес на проширување, којшто ќе го награди напредокот, но и посветеноста, а вие веќе имате голем напредок и посветеност во овој домен“, порача Прево.