ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Скопје на протест за промени

ВМРО-ДПМНЕ и опозициската коалиција вечерва во Скопје ќе одржат протест за промени преку кој повторно ќе испорачаат барање за одржување предвремени парламентарни избори.

Протестот е најавен за во 20 часот пред зградата на Владата.

ВМРО-ДПМНЕ подолг период инсистира на одржување избори, а во Собранието спроведува и активна блокада на активностите.

Одлуката за протест ја донесе Извршниот комитет на партијата на 17. минатиот месец, упатувајќи критики до власта за неспособност за соочување со економската и финанансиската криза придружена со постојат пораст на цените и висок процент на инфлација, зголемување на јавниот долг, неефикасна и неодговорна дипломатија за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ…

Лидерот на партијата – Христијан Мицкоски вчера во видео обраќање по повод роденденот на партијата истакна дека го одбележуваат во знакот на промени.

„Испраќам порака на обединување против лошата власт и владата која ги загорчува животите на илјадници луѓе“ – рече Мицкоски.

За утре премиерот Димитар Ковачевски најави средба на коалициските партнери кои се дел од Парламентот и од Владата, на која рече дека меѓу другото ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските.