ВМРО-ДПМНЕ: Брзи избори се решение за излез од кризата во Македонија

Членот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Драган Ковачки вечерва по завршувањето на седница на Извршниот комитет на партијата изјави дека со СДСМ нема да има нова влада, туку може само да има продлабочување на економската, енергетската и политичката криза.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека брзи избори би биле единственото решение за излез од таквата криза, а се друго е продлабочување на кризата и уште поголема неизвесност“ посочи Ковачки.

Тој напомена дека ИК расправал и за партиски прашања и утврдил дека претстојниот редовен конгрес на партијата ќе се одржи на 12 декември во Скопје.

„На овој конгрес ќе се трасира патот на идното делување и политиките на ВМРО-ДПМНЕ во насока на нашите ветувања за обезбедување на промени во општеството и нова иднина за сите луѓе во Македонија“ изјави Ковачки.