Влора Речица: (Не)возможна мисија е гласањето на недоверба на Владата
„Во моментов ни треба силна Влада, која пред се го има во преден план интересот на граѓаните. Ни треба и конструктивна опозиција. Решението не се секогаш избори“ вели во разговор за порталот „Трилинг“ - Влора Речица – истражувач во Институт за демократија
Трилинг: Власта и опозицијата со противречни изјави за тоа кој го има мнозинството во Парламентот. Кои се можните сценарија за доверба на Владата?
Речица: Во моментов се соочуваме со крајно нестабилни политички актери, и од моменталната власт, и од опозицијата. Тоа што на граѓаните им е најпотребно се јасни пораки од нивните претставници и политички лидери, а не политички пресметки и партиски игри. Според последните јавни изјави на неколку политичари од опозицијата, гласањето за доверба на Владата изгледа невозможно, поради тоа што опозицијата е нестабилна во своите ставови.
Трилинг: Кои беа причините за лошиот изборен резултат на владејачката СДСМ?
Речица: Има повеќе фактори, дел од тие фактори се новите пречки на патот кон ЕУ кои ги постави Бугарија. Во ваква безизлезна ситуација, секако дека граѓаните се незадоволни, поради тоа што очекувањата беа високи, особено после Преспанскиот договор. Дел од факторите се и нецелосните реформи и неисполнетите ветувања на оваа Влада, а секако и неодговорноста во ситуации каде таа беше јасна, како пожарот во модуларната болница во Тетово. Фрустрациите се големи, особено во кризна состојба како таа со Ковид 19 пандемијата и наговестената економска и енергетска криза.
Трилинг: Ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да ја урне актуелната владината коалиција, дали СДСМ и ДУИ ќе најдат заеднички јазик за мандатар на идната Влада?
Речица: Нашата демократија е консоцијална и функционира врз база на партиски договори, така да таква можност не се исклучува.
Трилинг: Во услови на здраствена, економска и енергетска криза актуелната владината коалиција која има тенко мнозинство во Парламентот може да го истурка до крај мандатот?
Речица: Во моментов ни треба силна Влада, која пред се го има во преден план интересот на граѓаните, кои ги чека тежок период. Но исто така ни треба и конструктивна опозиција, која ќе ја критикува и надгледува работата на Владата, но преку демократски механизми, а не деструктивен однос. Решението не се секогаш избори. Веќе повеќе од пола декада имаме предвремени парламентарни избори, кои не имаат втурнато во нови кризи. Време е за одговорни политичари, од двете страни.