Владата со 6 милиони евра ќе ја помогне ЕСМ за да го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север

Македонската Влада со 6 милиони евра ќе ја помогне АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона од моменталниот носител на лиценцата БЕГ. Ова денеска го потврди министерот за економија Крешник Бектеши.

Овие средства ќе се користат и во делот на плаќањето на разликата од реалната и постојната цена на топлинска енергија за цела 2022 година, рече тој.

За тоа дали само 6 милиони евра ќе бидат доволни за целата грејна сезона, Бектеши рече дека такви биле проекции направени од страна на ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика и раководството на ЕСМ – Енергетика.

„Ќе видиме како ќе се движат и фјучерсите посебно за месеците февруари и март и откако ќе имаме понуди секако дека може тоа да биде и помалку, а може да биде и поголема цената што ќе не чини. Но, најверојатно согласно сите предвидувања цените ќе бидат помали од тоа што беа за јануари“ – рече Бектеши.

Прашан дали ЕСМ има доволно количини на јаглен за производство на електрична енергија, Бектеши посочи дека во моментов на депонија има околу 250.000 тони.