
Владата прогласи кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена. Одлуката е донесена на денешната владина седница.
„Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба се со цел побрза координација на институциите како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок. Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем“, соопшти владината прес-служба.
Дополнително, Владата очекува Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, како и да има одговорност „за секој еден што го ставил во ризик здравјето и животите на гостиварци“.
Јавното обвинителство денеска побара притвор за директорката на гостиварски „Комуналец“ и за двајца раководители на претпријатието, откако претходно истите беа изведени пред судија на претходна постапка. Водата во Гостивар и натаму останува забранета за користење.
Директорот на Агенцијата за храна, Оливер Миланов, на прес-конференција кажа дека објектите кои служат храна и пијалаци како и останатите јавни објекти се должни да обезбедат техничка вода за користење, во спротивно ќе бидат казнети.