Виничанката Емилија Стојменова Дух (36), која е доктор на науки и асистентка на Електротехничкиот факултет во Љубљана е новата министерка за дигитализација во Владата на Словенија.
Стојменова Дух завршила вторa година гимназија во Виница по што се преселила во Марибор.
Добила стипендија за програмата Меѓународна матура, а потоа и ги завршила студиите по електроинженерство на Универзитетот во Марибор, каде била најдобар студент.
Основач и директор е на мрежата FabLab Slovenia, како и директорка на Digital Innovation Hub (DIH) Slovenia. Активна е и во иницијативата за „паметни села“, поддржана од ЕК и ЕП.
Новата словенечка Влада предводена од Роберт Голоб пред некој ден ги договори министерските места во Кабинетот.
Новата Влада ќе биде составена од 19 министерства и владина Канцеларија за дијаспора.