Тимоти Морган Вин – главен извршен директор на „Еуромакс Рисорсис“ гостува во најновото издание на „Трилинг“:
„Како прво, Ви благодарам што ни дозволивте да се појавиме во Вашата емисија.
Времето на моето доаѓање не е планирано. Во земјата сме уште од 2004 год. и потрошивме 20 год. на развојот на овој проект и тогаш, како што истакнавте, на патот ни беа поставени разни пречки и проблеми.
Сепак, близу сме до решение. Меѓутоа, бевме извонредно трпеливи, а последните случувања ја доведуваат до крај нашата трпеливост.
Во моментот сме во ситуација во која мора да донесеме одлука во врска со проектот, во смисла на тоа дали да продолжиме и да го доразвиеме или дали постои и поинаков став што компанијата може да го заземе.
Од политички аспект, нашиот проект е генерациски – ќе се протегне на период од 20-30 години. Многу влади ќе се сменат во текот на проектот, но за нас е важно да ја реализираме инвестицијата, а, во моментов, тоа е сè уште неизвесно и ние неодамна донесовме одлука, како што истакнавте, со која се доведува во прашање тоа дали можеме да продолжиме.
Од 2019-та год. до сега имавме низа судски спорови и сите беа решени во наша корист, и тоа конзистентно. Беше потребно време, но успеавме. Останува уште само едно чисто административно прашање, кое потекнува уште од 2016 год.
Во јуни минатата година, Владата конечно се осврна на ова прашање, кое се однесува на спојување на нашите две концесии. Интересно е тоа што некои се сомневаа во нашите мотиви зад нашето барање за спојување, но тоа е многу едноставно прашање.
Ако ја погледнете историјата на проектот, првичните граници на концесијата беа релативно мали, но, како што го дефиниравме проектот, тој стана поголем и подобар и се прошири надвор од првичните граници.
Така што, додадовме уште една област, за да ја заокружиме првичната, ако ме разбирате. Според легислативата, барање за дозвола за експлоатација може да се поднесе само за единечно концесионо поле. Исто така, дозволено е и спојување на концесии. Нема логика да изработуваме еден план за едното поле, па потоа друг за другото. Затоа, во јануари 2016 г. поднесовме барање за спојување на нашите две концесии. И, еве, по 8 години, уште нема решение.
Во еден кус период, во јуни минатата година, имавме дозвола за спојување, но таа беше набргу повлечена. Треба да се истакнат околностите под кои дозволата беше повлечена. Владата донесе погрешни одлуки на многу нивоа, спротивно на многу закони.
Прво, ја повлекоа дозволата за спојување без да дадат образложение, што е спротивно на управното право. Како второ, првичната дозвола беше издадена согласно со Законот за минерални суровини и не може потоа да се повлече во истата јуриздикција, но според друг закон. Сите подоцнежни одлуки требаше да ги донесе надлежната власт, т.е. Министерството за економија, но тоа не се случи.
И тогаш, на бизарен начин, кога конечно објавија образложение на одлуката во вид на последователен судски документ, нивното образложение беше дека, по одобрувањето на спојувањето, не сме склучиле нов договор за концесија во рок од 25 дена, а тоа бил „предолг период“.
Законот за минерални суровини предвидува рок од 60 дена за потпишување на договор. Така што, одлуката не само што не беше во согласност со рокот во Законот за минерални суровини и покрај тоа што целиот процес го водеше владино тело, туку, за да додадеме контекст, првичното барање го поднесовме пред цели 7,5 години, па концептот на „предолг период“ е, според мене, до некаде чуден.
Произволно одлучуваа што е „предолг период“, а што не. Ние само сакаме да се спроведува должната постапка и одлуките да се носат согласно со законот. Тоа се обидуваме во моментов – да го решиме управниот спор и да ја натераме владата да се придржува до своите обврски, како што е обврската да го разгледа нашето барање. Условите за спојувањето беа евалуирани три пати од страна на Министерството за економија и сите три пати рекоа дека ги исполнуваме.
Сè што бараме е должна постапка. Има една фраза на англиски – „кучето ми ја изеде домашната работа“, како многу слаб изговор за незавршена работа. За мене, последната одлука е донесена со токму таков изговор и затоа бараме владата да се придржува до своите обврски и да носи одлуки според законот. Ете, тоа е сè што бараме.
Мислам дека не е реално да очекуваме некаква одлука да биде донесена пред да завршат парламентарните избори. Останува да видиме што ќе донесат и каква влада ќе произлезе, но пораката што ми е важно да ја пренесам е дека чекавме многу долго. Бевме неверојатно трпеливи. Како што реков, не знаеме со каква влада ќе имаме работа, но важно е дека ова е проект што носи трансформациски придобивки и за локалната заедница и за целата земја, и тоа на многу нивоа.
Можноста секој да има корист, не само ние, како сопственици и акционери, туку и локалната заедница, граѓаните, се одложува веќе со години наназад.
Има патишта на разрешување – дали преку судовите или преку владата. И убеден сум дека законските основи зад сите наши постапки се апсолутно конкретни. Сепак, прашањето е колку долго да чекаме. Од нашето искуство, на владините институции им треба многу време за да спроведат нешто, се носат чудни одлуки, спротивни на законот, видовме чудни одлуки и на судовите, но, сè на сè, судовите си го одработија својот дел во однос на проектот.
Но, за жал, неодамна имавме судска одлука со која се потврди таа чудна одлука. Опкружувањето во кое се наоѓаме е несигурно и не можеме секогаш да се потпреме на судскиот систем и на тоа дека владините институции ќе се придржуваат до законот. А само тоа и го бараме – владата да преземе одговорност и да ги почитува законските обврски.
Ние очекуваме ова да се реши. Апсолутно.
Реалноста денес е таа дека нашето трпение е при крај. Немаме повеќе време да чекаме дали системите и правните структури ќе го испорачаат тоа што им е обврска. Така што,
интерно презедовме чекор кон… Секогаш сме имале опција да одиме на меѓународна арбитража, но секогаш сакавме да ги почитуваме системите и институциите во Р. С. Македонија, па продолживме да работиме во тој контекст. Меѓународната абритража цело ова време беше резервна опција, но, сè досега, прашањето беше „дали“, наместо „кога“.
Сега, тоа се промени и во моментов се движиме повеќе кон „кога“, а не кон „дали“ арбитража. Единственото нешто што може да го промени тој став е следната одлука на институциите. Топката е сега кај нив. Им наложив на нашите адвокати да почнат со подготовки за арбитража.
Апсолутно сте во право. Кога за првпат дојдовме во земјата, бевме многу позитивни во однос на инвестициското опкружување во Р. С. Македонија. Направивме многу техники и политички анализи и сите ги задоволуваа нашите инвестициски критериуми. Сега, и натаму сме крајно позитивни во однос на проектот Иловица-Штука. Тоа е извонреден проект. Придобивките од него на локално ниво се трансформациски, а придобивките за земјата се значително материјални. Но, нашето искуство, особено во последниве 8 години, ја поткопа нашата доверба во способноста на владеењето на правото и на институциите да го испорачуваат тоа што им е обврска според законската рамка на земјата.
Тоа е нешто што очајно нè разочарува, но остануваме апсолутно посветени на проектот. И во тоа нема сомнение. Опцијата на меѓународна арбитража ја разгледуваме како крајна нужда. Чекавме навистина многу долго и бевме неверојатно трпеливи, но последнава одлука е толку смешна, што сме принудени на овој чекор во крајна нужда, да размислуваме за меѓународна арбитража како начин на заштита на нашите инвестиции – потрошивме значителен капитал во земјата, над 50 милиони долари за да стигнеме дотука.
Исто така, и придобивките за локалната заедница веќе предолго се одложуваат. Од сите тие причини, сега на преден план ја ставаме арбитражата како опција. Како што рекот, тоа е став поради крајна нужда. Не сме компанија на арбитражни адвокати. Практично нè обвинуваат дека тоа е нашата главна дејност. Не е.
Ние сме група посветена на рударската индустрија, а придобивките што таа може да ги донесе во земјата се огромни. Неодамнешната анкета покажа дека, во рамките на извозно-ориентираниот сектор во Македонија, којшто се намали минатите години, единствениот подсектор со раст и зголемен извоз во апсолутен износ е рударството.
За земји со големина како Македонија и во сегашната фаза на развој, од огромно значење е ваквите проекти да се реализираат.
Придобивките за платниот биланс и другите директни придобивки се огромни. Односот кон нас беше многу разочарувачки и веќе немаме трпение. Сега ќе пристапиме кон арбитража, но, како што реков, следниот чекор на владата е клучен. Топката е кај институциите. Сето ова може да се реши и ние би претпочитале да се реши, но, по долготрајните напори да се придржуваме до структурите и системите во земјата, кои, за жал, долгорочно нè изневерија, принудени сме да ѝ дадеме приоритет на арбитражата.
Минавме толку многу години низ судовите и дури и подолг период убедувајќи ја владата да одговори во уредна постапка. Во голема мера ги разбирам тие германски инвестори и нивните ставови. Сепак, успеавме да добиеме разврска на некои правни прашања на суд, а нашата концесија за полето Иловица 6, која ни беше одземена, сега е целосно валидна. И, како што реков, ни останува уште административното прашање на спојувањето. Патот напред е многу едноставен – владата и судовите имаат можност да го решат ова, но ние не можеме веќе само да чекаме и сè да оставиме во нивни раце.
Мора да преземеме наши мерки, а тоа, како што реков, ќе нè принуди да прејдеме на арбитража. Но, јасно е дека има решение, и тоа брзо. Но, тоа е во рацете на владата, не во нашите. Веќе 8 години тропаме на таа врата и не можеме повеќе да чекаме. Дефинитивно сме во ќор-сокак, но целата одговорност за тоа лежи исклучиво кај владата.
Да, и апсолутно сте прав. Непочитувањето на законот ни нанесува штети и резултираше со последната постапка. Покрупното прашање, поради коешто и претрпевме штети, е тоа што земјата, којашто на одреден начин изобилува со можности за странски инвеститори, навистина ќе го одврати странскиот капитал од влегување во земјата. Непочитувањето на владеењето на правото нема да ги охрабри инвеститорите да дојдат овде. Според една неодамнешна анкета, 60% од странските инвеститори нема повеќе да инвестираат во земјата. Тоа е вистински проблем што владата мора да го реши.
А, во поширокиот контекст на аспирациите на земјата да стане членка на ЕУ, владеењето на правото е од огромна важност и за ЕУ и за другите земји. Знам дека САД испрати делегација да го разгледа ова прашање пред повеќе од една година. Така што, решавањето на овој проблем е од огромно значење и приоритет за земјата, затоа што со тоа ќе се реализира огромниот потенцијал којшто во моментот е неискористен. Прерано е за какви и да е износи, во тек се бројни анализи.
Доволно е да се каже дека ќе биде значителен, многу значителен во контекст на буџетот и вкупната задолженост на земјата. Така што, се работи за значителен потенцијален износ, значителна обврска за земјата. Веќе доставивме известување за спор до владата. Тоа беше пред многу години, во 2020 г. Така што, арбитражата е осмислена како процес кој треба
да ги приближи страните, да се обидат да ги разрешат разликите пред да навлезат во целокупниот процес на арбитража. Доставивме такво известување и имавме период од шест месеци за дискусии, но тој одамна истече. Сега можеме да покренеме арбитража уште денес, доколку сакаме. Тоа е сериозно прашање за владата. Да се навратам на аспектот на странски инвестиции – ова ќе биде само уште една арбитражна постапка што владата сама си ја навлече.
А ги има уште многу. И тоа е уште една причина поради која странските инвеститори ќе се колебаат пред да инвестираат во Р. С. Македонија.
Како прво, многу години работевме на изготвување исцрпна еколошка студија, ангажиравме бројни меѓународни врвни консултанти на изработката на документ во кој се изложени влијанијата врз животната средина. Документот има над 200 страници. Не верувам дека повеќето луѓе ниту ја допреле, ниту, пак, ја погледнале студијата. Но, во обид да ги остраниме тие стравови, доставивме допис до Министерството за животна средина пред Божиќ и потврдивме дека апсолутно нема да користиме цијанид.
Тоа е многу емотивна тема, зашто сите знаат колку е токсичен цијанидот, така што сме апсолутно решени да го исфрлиме од процесите. Исто така, посветени сме и на нешто што веќе и го разгледуваме, а тоа е примена на методата на суво одлагање на јаловината, при што постигнуваме уште поголем степен на одводнување и одлагаме многу посув производ. Целата вода се враќа во постројката и веќе работиме без никакви испуштања во средината. Така, евентуално загадената вода не завршува во средината, бидејќи се враќа во постројката. На тој начин и се намалува општата потрошувачка на вода од други извори за потребите на проектот.
Се нафативме и на тоа да сториме сè што можеме во врска со енергија од обновливи извори. Во струмичката долина веќе има проекти, и соларни и други, коишто може да ги прошириме и да ги користиме за напојување на проектот, па сето тоа во комбинација… Работевме многу на заедницата, дури и во врска со водата, којашто е главниот проблем во струмичките села. Системот за снабдување со питка вода е многу стар, има големи загуби на вода, а навлегуваат и загадувачи, па водата не е безбедна за пиење во многу села во околината.
Пред и во текот на летните периоди, често едноставно снемува вода. Во рамките на проектот, ќе изградиме нова конекција со поголема регионална акумулација, за да се гарантира сигурноста во водоснабдувањето на локалните жители и да се замени системот на водоснабување на домаќинствата, за да не се загадува водата за пиење. Така што, ќе направиме многу работи.
И, уште поопшто, друга гаранција за нашиот став е тоа што сме јавно котирана компанија и не само што мора да се придржуваме до правилата и прописите во Македонија, туку и до оние што ги пропишуваат берзите на кои сме котирани. Еден од нашите акционери е и ЕБРД, а тие имаат уште построги еколошки правила од наведените. Така што, на многу начини ние сме тие што најдобро може да го развијат овој проект, зашто не само што мора да демонстрираме усогласеност со локалните стандарди, правила и прописи, туку подлежиме и на цела низа други, меѓународни прописи кон коишто инвеститорите очекуваат да се придржуваме. А, во поглед на финансирањето на проектот, банките имаат свои, дополнителни правила кои мора да ги почитуваме. За разлика од приватна компанија во која не се знае кои се инвеститорите, не се знае изворот на капиталот, сè е нетранспарентно и никој не е одговорен, ние сме. Ние мора да дадеме јавен отчет секои 3 месеци, па, реално, најдобро е компанијата која ќе го развие проектот да биде котирана компанија, како нашата. А, со оглед на нашето минато работење, сметам дека ние сме вистинските луѓе.
Ми беше задоволство, благодарам“.