(Видео) Мијовиќ Христовска: Ако се зголеми акцизата за цигарите за 30%, ќе се слеат дополнителни 265 милиони евра во буџетот и ќе се намали бројот на пушачи

„Во 2019 година направивме сеопфатна анкета и истражувањето покажа дека 48.4% од населението во Македонија пуши цигари, што ја става земјата во една од десетте земји во свет по најголем број испушени цигари по пушач, интензитетот е над 21 цигара“ вели Бојана Мијовиќ Христовска од „Тинк-тенк Аналитика“ во најновото издание на Трилинг.

Таа смета дека „алармантно е ако се земат во предвид резултатите од истражувањата на млади лица од 13 до 15 години, тоа покажа дека 12,5% од младината консумира цигари, а просечна возраст на почнување со пушење е 13,5 години. Просечната цена на цигарите во Македонија е од 1,8 до 2,25 долари по кутија, а во ЕУ цената е 5,3 долари по кутија. Ова ги прави цигарите во Македонија многу достапни“.

„Една од мерките со кои може да се влијае дестимулативно секако е цената, преку зголемување на акцизата. Потребно е зголемување на акцизата за 30%, со што би се слеале дополнителни 265 милиони евра во буџетот, би се намалил бројот на пушачи. Но не може само со една мерка да се влијае дестимулативно врз намалување на пушењето. Една од мерките која дала ефект е воведување на Законот за заштита од пушење во 2010 година, со него се намали потрошувачката на цигари“ вели Бојана Мијовиќ Христовска.

Таа вели дека „со зголемување на 30% на акцизата би се намалиле смртни случаи кои се препишуваат на консумирање тутун за 7000 годишно, би го намалиле бројот на пушачи за 25.000“.

„Електронските цигари во последните 3 години се почесто се на пазарот, не се препознаени во Законот за забрана за пушење. Потребно е да се забрани нивно користење во затворен простор. Од 2024 година Македонија воведува акциза за електронски цигари, што сепак ни дава оптимизам дека нивната примена ќе се стави во контрола“ вели Мијовиќ Христовска.