Поранешниот собраниски спикер, Трајко Велјаноски по долг период без ТВ интервјуа вечерва гостуваше во „Трилинг“. Со него дискугиравме за Пржинската влада, за упадот на 27 април, но и за личниот контакт и релацијата со Никола Груевски.
На почетокот на емисијата Трајко Велјаноски вели дека не чувствува никаква вина за се што се случуваше во „неговото време“ односно од 2008 до 2016 година додека тој беше претседател на Собранието на Македонија.
Лично не чувствувам вина. Јас сум легалиста, 8 и пол години го водев Собранието во три мандати стриктно се водев по деловникот и нормите во законодавниот дом, започнува Велјановски.
Кога се отворија вратите во Собранието Велјановски вели дека во тој момент бил во неговиот кабинет.
Најмалку го очекував тоа. Утрешниот ден очекував да си продолжи се во најнормален ред, рече тој.
Според него начинот на изборот на Талат Џафери не бил етички. За упадот во Собранието тој вели дека секој си одговара за своите постапки.
Поранешниот претседател на Собранието вели дека „спие мирно“ во однос на случките додека тој бил „втор човек на државата“.
Даде свој коментар и за релацијата со Никола Груевски.
Не се осеќам изневерен. Ако некој смета дека згрешил чувствува одговорност, ако некој не згрешил и нема никаква одговорност зошто би имал нечиста совест, вели Трајко Велјаноски.
Тој негира каква и да е поврзаност со Никола Груевски.
Не сум бил во контакт со Никола Груевски откако замина од државата. Друг пат проверувајте ги Фејсбук статусите пред да ме прашате, вели тој.
Велјаноски се противи на Пржинската влада.
Пржинската влада е хибридно решение кое е направено во други околности и за други цели. Тоа беше за влада која некои ја викаат техничка, а таа е чисто Пржинска влада. Тогаш, се формираа три Пржински влади пред да бидат изборите во 2016-та. Оваа Пржинска влада е спротивна на Уставот и законот на организација на органите на државната управа, вели Велјаноски.
За Денко Малески и неговиот став околу техничката влада, Трајко одби да даде коментар, но го образложи своето мислење како треба да изгледа политичката сцена во Македонија.
Јас сметам дека треба да се има политичка влада и да си ги спроведе избори. Треба да имаме демократска култура на признавање на резултатите, потенцира Велјаноски.
Целото интервју погледнете го во продолжение: