Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на учеството на 77-то Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денеска одржа средба со Дерек Шоле, американски советник за надворешна политика и автор кој моментално работи како советник на Стејт департментот на САД.
На средбата на која присуствуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, беше потврдено стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија. Беше потенцирано дека Северна Македонија напредувала од земја која тежнеела да стане членка на НАТО, до сигурен, еднаков и способен сојузник.
На состанокот Ковачевски и Шоле дискутираа за актуелните проекти за енергетска транзиција и животната средина. Двете земји ја повторија својата посветеност во услови на светска енергетска криза за зголемување на енергетската диверзификација. САД и Северна Македонија ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.
Дискутираа и за важноста САД и Северна Македонија да ја прошират соработката во доменот на образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната поддршка на САД, кој од 2019 година има инвестирано речиси 60 милиони долари во индустријата, инфраструктурата и иновациите.