Вархеји во Брисел ќе се сретне со македонските Бугари

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји оваа недела во Брисел ќе се сретне со претставници на македонските Бугари на нивно барање, поради, како што објави БГНЕС, „институционалната омраза и систематска дискриминација против нив во Северна Македонија“.

Средбата со Вархеји ќе се одржи една недела по претепувањето во Охрид на Христијан Пендиков, кој сега е на лекување во Софија.

Во писмото до Вархеји македонските Бугари се жалат дека во Македонија од страна на локалните и централната власт нема желба за дијалог со нив.

„Секојдневната стигматизација на нашата бугарска заедница и неможноста за воспоставување дијалог со локалните и централната власт создаваат предизвици за нашата заедница кои често ги надминуваат нашите индивидуални и колективни можности. Искрено се надеваме дека дијалогот со вас ќе придонесе за намалување на секојдневниот притисок врз нас, граѓаните на РСМ кои не се плашиме, и покрај ризикот од дискриминација и јазикот на омраза , товорено да опстојуваме на нашето македонско-бугарско наследство и идентитет“, пишува меѓу другото во писмото.

Инаку, во делегацијата на македонските Бугари ќе бидат Петар Колев, Ѓорѓи Трендафилов и Љупчо Георгиевски.